Лидерите на српската десничарска опозиција, коалициските партнери на „Национален собир“, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски од Заветници и Бошко Обрадовиќ од Двери, на маргините на сесијата на ОБСЕ во Скопје остварија средба со портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, јави дописникот на МИА од Белград.
Претседателот на Двери, Бошко Обрадовиќ, ја информираше претставничката на руското Министерство, Захарова, за одлуката на премиерот на Косово, Албин Курти, да им забрани на Србите на Косово да гласаат на претстојните парламентарни избори во Србија, се наведува на веб-страницата на Двери.
Тој ја повика Русија да го искористи својот авторитет за да влијае врз претставниците на меѓународните мисии на Косово, пред се на УНМИК и ОБСЕ, да се усогласат со Резолуцијата 1244 и да му овозможат на српскиот народ да гласа на Косово.
Претседателката на Заветници, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, во таа прилика се заблагодари за поддршката што Русија ја дава за зачувување на Косово како дел од Србија.
-Националниот собир е цврста гаранција дека Србија нема да воведе санкции кон Руската Федерација и дека нема да се согласи со западните ултиматуми, изјави Ѓурѓевиќ Стаменковски, соопштија од коалицијата.
Таа рече и дека Националниот собир се противи на спроведувањето на француско-германскиот план како и на приближувањето кон НАТО.
Двете страни се согласија дека зачувувањето на традиционално пријателските српско-руски односи е стратешки интерес на двете земји, се наведува во соопштението.