Лидерите од Коалицијата на подготвените телефонски ќе разговараат со Трамп

По утрешниот Самит на Коалицијата на подготвените, што ќе се одржи во Париз, учесниците телефонски ќе разговараат со американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти Елисејската палата.

Самитот е закажан за утре во 10 часот и 30 минути, а во Париз, покрај францускиот претседател Емануел Макрон ќе бидат и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Додека другите лидери ќе се вклучат на Самитот преку видео-врска. Во 14 часот е предвидено лидерите телефонски да разговараат со американскиот претседател Доналд Трамп.

Претходно, кабинетот на Зеленски соопшти дека со Самитот ќе копретседателствуваат Макрон и британскиот премиер Кир Стармер, а присуствува и германскиот канцелар Фридрих Мерц.

Коалицијата на подготвените е составена од околу 30 земји, претежно европски, подготвени да ја поддржат украинската армија, па дури и да распоредат трупи во Украина откако ќе се постигне прекин на огнот, за да ја одвратат Русија од каква било понатамошна агресија.

Трамп на 18 август вети дека САД ќе ги поддржат Европејците во осигурувањето на безбедносни гаранции за Украина, кои треба да се спроведат по прекин на огнот или мировен договор, кој сè уште не е постигнат. 

Зачлени се на нашиот е-билтен