Претседателот на Социјалдемократската партија на Хрватска (СДП) и лидер на коалицијата „Река на правдата“, Пеѓа Грбин, денеска изјави дека предупредувањето на Уставниот суд дека хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ , не може да добие ниту мандат за составување влада, а не пак да биде премиер, е срамно и на судот му порача дека предупредувањето “може да го заборави“ затоа што, наведе, во него нема никакви правни аргументи.
Грбин изрази жалење што СДП ја почитуваше одлуката на Уставниот суд од 18 март за тоа дека на Милановиќ му беше забрането да учествува во изборната кампања додека не поднесе оставка од функцијата претседател, пренесе Хина.
Лидерот на СДП кажа и дека слушајќи ја денешната изјава на претседателот на Уставниот суд на Хрватска, Мирослав Шепаровиќ, добил впечаток дека тој ќе ги поништел и изборните резултати доколку тие беа поинакви, односно доколку ХДЗ не добиеше најмногу мандати.
Тој оцени дека со денешната одлука Уставниот суд го обезвреднил правото на граѓаните да избираат свои претставници.
-Им велам – свикајте нова седница веднаш и донесете одлука која вели дека единствениот премиер може да биде Андреј Пленковиќ. Но велам – нема да ви успее, рече Грбин.
Претседателот на Уставниот суд, Мирослав Шепаровиќ, денеска соопшти дека Милановиќ не може да биде мандатар за состав на нова влада, ниту премиер, наведувајќи дека секое друго толкување го загрозува повеќепартискиот парламентарен демократски уставен поредок и владеењето на правото.
Судот оцени дека Милановиќ со своите изјави и однесување, односно со учеството во изборната кампања без да поднесе оставка до претседателската функција, се ставил во ситуација да не може да биде мандатар и за состав на идната влада. како премиер.
За ваквата одлука гласале девет судии на Уставниот суд, тројца биле против, а еден не присуствувал на седницата.
Според резултатите, објавени од хрватската Државна изборна комисија ДИК, врз основа на речиси 100 отсто од избирачките места, ХДЗ освоила 61 мандат, а коалицијата околу СДП 42 мандати.