Листа за отстрел на новинари: група од Нови Сад блиска до Вучиќ објави 45 имиња

Од Фејсбук страницата на претседателот на Србија Александар Вучиќ

Листа за отстрел на новинари се појави во Србија, откако организација од Нови Сад „Центар за општествена стабилност“ на Инстаграм објави список со вкупно 45 имиња, претежно новинари од независни медиуми, најавувајќи „продолжение“ на кампања против критичари на власта.

Објавата доаѓа по, како што пишува Н1, „опскурен документарен филм“ со кој бил таргетиран Веран Матиќ, претседател на АНЕМ, а новинарите што се нашле на списокот ја толкуваат пораката како директен притисок и обид за заплашување.

Во реакциите за медиумите, дел од засегнатите тврдат дека зад „Центарот“ стои власта и дека е прикриен механизам за пресметка со неподобните, наведувајќи и политички врски со владејачката структура. Во текстот се пренесува и став дека меѓу организаторите, се споменува и актуелниот министер за европски интеграции Немања Старовиќ, како и државни секретари, што дополнително ја засилува тезата за институционална поддршка на кампањата.

Претседателката на Независното друштво на новинари на Војводина, Ана Лалиќ Хегедиш, оценува дека ваквиот список не е „најава за серијал“, туку директно загрозување на безбедноста на луѓето што се именувани, предупредувајќи дека јавните таргетирања можат да охрабрат поединци да нападнат новинари „на улица“.

Други соговорници потсетуваат дека слични „списоци“ и јавни кампањи во Србија се паметат и од 1990-тите, кога новинарите биле маркирани како непријатели, а дел од тие судири завршувале трагично. Во тој контекст се споменува и случајот со убиството на новинарот Славко Ќурувија, како пример на тоа како ескалацијата на омраза и таргетирања може да прерасне во насилство.

Објавувањето на „листата за отстрел“ ја отвори и темата за одговорноста на институциите и потребата од итни проверки за тоа кој стои зад кампањата, како и каква заштита имаат новинарите и медиумските работници што се најдоа на нишан во јавниот простор.

Зачлени се на нашиот е-билтен