Шефот на литванската дипломатија Кестутис Будрис денеска одби да разговара со белорускиот колега Максим Риженков за повторно отворање на граничните премини меѓу двете земји.
Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко му нареди на Риженков да организира разговори за нормализирање на ситуацијата и враќање на целосното функционирање на граничните премини на заедничката граница.
Лукашенко не ги поставува правилата. Силно ќе ја повикам владата да не оди по патот што тој се обидува да ни го наметне, изјави Будрис.
Литванија минатиот месец затвори два гранични премини со Белорусија до крајот на ноември по серијата повреди на нејзиниот воздушен простор од страна на метеоролошки балони, што летаа од Белорусија. Тие го нарушија воздушниот сообраќај, па дури и доведоа до привремено затворање на аеродромот во Вилнус. Според литванските власти, балоните ги користат шверцерите на цигари, а Белорусија намерно не ја запира оваа практика, која Вилнус ја опишува како „хибриден напад“.

