За претстојните локални избори на 19 октомври, Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека се поднесени рекордни 312 кандидатски листи за градоначалници и 575 листи за советници во општините и Градот Скопје.
Најголем интерес има во главниот град, каде што 18 кандидати ќе се борат за градоначалничката фотелја, а за Советот на Град Скопје се поднесени 20 листи.
Во скопските општини, најмногу кандидати има во Шуто Оризари – 8 имиња во трка за прв човек на општината. Во Карпош се очекува жестока политичка битка, каде што актуелниот Стефчо Јакимовски ќе се обиде да освои петти мандат, а противници ќе му бидат Сотир Лукровски (поддржан од ВМРО-ДПМНЕ) и докторката Маја Мојсова (поддржана од СДСМ). Во Центар пак, независната Билјана Ивановска може да ја наруши рамнотежата меѓу Горан Герасимовски (СДСМ) и Мирослав Лабудовиќ (ЗНАМ), додека за советничките места се поднесени 9 листи.
Во Куманово, градоначалничката трка ќе ја водат 8 кандидати, меѓу кои актуелниот Максим Димитриевски и Мартин Костовски (СДСМ), а учество ќе земат и Левица, ВЛЕН, ДУИ и независни групи.
Струга бележи 9 кандидати за градоначалник, меѓу кои претставници на Левица, ДУИ, ВРЕДИ, како и повеќе независни групи. Во Охрид се поднесени 4 кандидатури за градоначалник и 11 листи за советници.
Албанскиот политички блок ќе води клучни битки во Тетово, Гостивар, Сарај, Боговиње, Липково и Арачиново, а најжестоката ќе биде во Чаир – меѓу поранешните сопартијци Бујар Османи и Изет Меџити.
Во Кочани, каде што во март годинава се случи трагедијата во „Макпрогрес“, за функцијата градоначалник ќе се борат 6 кандидати, а за советничките места се поднесени 9 листи, најголем дел од независни.
Кампањата за првиот круг на изборите почнува на 29 септември, додека граѓаните на 19 октомври ќе го дадат својот глас за идните локални власти.