Претседателот на ВМРО – Народна партија, Љубчо Георгиевски, во разговор за ЦИВИЛ Медиа изрази длабока загриженост поради честото присуство на српски функционери на територијата на Северна Македонија и прославата на историски настани од српска перспектива, како што е Кајмакчалан.
„Тоа е неприфатливо да се слават настани кои ја негираат македонската државност, особено кога истовремено го прославуваме Денот на државноста на Македонија. Се создава иронија и несоодветен контекст за националниот идентитет“, истакна Георгиевски.
Во однос на улогата на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ, Георгиевски не штедеше зборови: „Стоиљковиќ е докажан борец против македонската државност. Од раните 90-ти години беше активен противник на независна самостојна македонска држава. Неговите патриотски изјави се селективни и повеќе служат за политички имидж отколку за заштита на македонските интереси.“
Георгиевски посочи дека политичката активност на Стоиљковиќ, според него, има негативно влијание врз позицијата на Македонија на Балканот и на евроатлантската интеграција. „Наместо да ја застапува македонската државност, тој го поткопува националниот интерес“, заклучи Георгиевски.
Извор: Цивил Медиа