Љубојно на барикади осми ден: блокада против сечата; властите тврдат дека е легална

Жителите на ресенското село Љубојно и денес беа на барикадите, блокирајќи го патот кон шумата каде што концесионерот „ДИБА Трејд“ од Косел врши сеча по договор со ЈП „Национални шуми“. Поради блокадата, денес над Љубојно не се сечеше — концесионерот нема пристап до теренот. „Камионите не поминаа и нема да поминат. Остануваме тука додека постои опасност да продолжи сечата“, велат мештани.

Протестот трае осум дена, а барањето е јасно: целосна објава на плановите и стоп на најавениот „голосек“ — целосно сечење на дабовата шума на означени парцели. Мештаните предупредуваат дека првите последици веќе се чувствуваат: по поројниот дожд пред два дена, водата се слеа низ голите падини и го поплави центарот на селото. Дополнителна грижа се оштетениот селски пат од тешките камиони и нарушувањата на водоводната мрежа. „Кој ќе ја надомести штетата?“ прашуваат тие.

Од терен, Шумската полиција и претставници на „Национални шуми“ тврдат дека сечата е легална и се спроведува според важечки планови. Владата, пак, одговори дека станува збор за регуларна сеча на нискостеблест даб во оддели 29 и 30 на шумско-стопанската единица Пелистер – Брајчино. Државниот инспекторат за животна средина соопшти дека нема ингеренции за вакви прашања, а од општинскиот инспекторат во Ресен велат дека досега не примиле официјална пријава за загрозување на животната средина. Во меѓувреме, двајца жители се казнети со по 600 евра за блокирање на пристапниот пат со истовар на песок.

Документите до кои се повикува концесионерот покажуваат дека „ДИБА Трејд“ на 25 мај добил тендер за „изградба и реконструкција на меки шумски патишта и превоз со утовар/истоварање на дрвни сортименти“. За една година, само на две парцели има дозвола за над 4.000 м³ дрвна маса, а важечкиот десетгодишен план за сеча на овој реон е до 2033 година. Мештаните стравуваат дека „ова е само почеток“ и бараат јавно да се објави целокупниот обем на зафатите, со паралелна хидролошка и ерозивна студија и ревизија на ризиците за населбата.

Покрај Љубојно, жителите сведочат за засилена сеча и во делови со кои стопанисува Национален парк Пелистер, при што, како што тврдат, по патиштата редовно се движат повеќетонски камиони натоварени со исечена бука. Блокадите, велат, ќе продолжат „се додека не се гарантира дека шумата над селото нема да биде расчистена до последно дрво“.

Зачлени се на нашиот е-билтен