Лукаревска: Власта го скрои ребалансот на буџетот по своја мерка, крати од граѓаните, а народот тоне во сиромаштија

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната собраниска седница на чиј дневен ред е Ребалансот на Буџетот за 2025 година рече дека тој фискално е нереален, социјално штетен и целосно без развојна компонента.

„Овој ребаланс е скроен по мерка на власта, а не по мерка на граѓаните. Сведоци сме на невидено галопирање на основните трошоци за живот. Според официјалните податоци од Државниот завод за статистика, инфлацијата во јуни изнесува 4,5%, а Владата продолжува да прогнозира нереални 2,8%. Истовремено, основните трошоци за живот енормно се зголемуваат – синдикалната кошничка е повисока за 630 денари во споредба со истиот период минатата година. Едно четиричлено семејство има потреба од најмалку 65.000 денари месечно за да го истурка месецот, а за оние што живеат под кирија – и над 80.000 денари“, рече Лукаревска.

Лукаревска потенцираше дека ребалансот се темели врз нереални макроекономски проекции на Владата, при што Владата проектира економски раст од дури 3,7%, додека реалните проекции – од Народната банка и Светска банка – укажуваат на многу понизок раст од 2,6 до 3 %.

„Дополнително, капиталните инвестиции се на незадоволително ниво, а ребалансот предвидува кратење на средства за реални и неопходни проекти, додека се зголемуваат трошоците за договорни услуги. Се кратат субвенции за земјоделците за 478 милиони денари, поддршка за инвестиции, инвестиции во индустриски зони, во општинска инфраструктура, средства за дигитализација (намалени за 157 милиони денари), субвенции во спортот и средства за заштита на животната средина. Само ставката за намалување на загадувањето е намалена за 50% во однос на претходната година“, рече Лукаревска.

Таа потенцираше дека најголема штета се прави врз најранливите граѓани. Се кратат социјалните надоместоци: детски додатоци, образовен додаток, додатоци за деца и лица со попреченост, поддршка за лични асистенти, како и средства за заштитни друштва каде што се вработени лица со попреченост.

„Остануваат со намален буџет и организациите што се борат против семејното насилство – намалување од 20 милиони денари. Да се крати кај најсиромашните е антисоцијален механизам“, нагласи Лукаревска.

Лукаревска потенцираше дека пратеничката група на СДСМ поднесе 160 амандмани со цел да помогне онаму каде што е најпотребно – за локален развој и социјална сигурност, но тие беа масовно одбиени. Вклучително и 934 милиони денари за поддршка на семејствата на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани, 60 милиони денари за реновирање на болницата во Кочани и 20 милиони за нова медицинска опрема.

„Дури и компромисните амандмани – 1 милијарда денари за семејствата на настраданите и 500 милиони денари за подобрување на пожарникарскиот систем – беа одбиени од владејачкото мнозинство, и покрај консензусот што го понудивме.“, рече Лукаревска.

Ребалансот ја одлага фискалната консолидација до 2029 година. Тоа значи одржување на високо ниво на јавен долг, финансирање со скапи заеми и целосно непочитување на фискалните правила до најрано 2027.

Наместо средства за економски раст и инвестиции, се таргетира отплата на долгови, камати и покривање на штети од непогоди. Сето ова е директно на штета на граѓаните, на работниците, на ликвидноста на компаниите и на целокупниот економски развој.

„Овој ребаланс нема да ги даде очекуваните резултати. Тој е резултат на политичка кратковидост, а не на визија за развој и социјална правда. Тоа е ребаланс кој кратко ќе трае, но долгорочно ќе ги чини граѓаните скапо. Затоа пратеничката група на СДСМ и колацијата ќе гласа против“, истакна пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска.

Зачлени се на нашиот е-билтен