Лукаревска за Фискалната стратегија 2026-2030 која ВМРО-ДПМНЕ ја изгласа во Собранието: „Ние повеќе не можеме да бидеме алиби за сѐ, за ветеното а не остварено на власта“

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска во врска со денеска изгласаната Фискална стратегија 2026 – 2023 од страна на пратениците од власта, рече дека од нејзината содржина може да се предвидат контурите за тоа каков ќе биде ребалансот на Буџетот.

Лукаревска цитирајќи го Евростат посочи дека Македонија има најниска минимална плата во Европа, и дека зад нас е само Албанија.

„По висина на минималната плата, Македонија е претпоследна во Европа, позади е само Албанија. Ние имаме најмал стандард на куповна моќ, со 750 поени, и сме под Литванија со 888 поени, што е најнизок во Европа. Ова се последиците од политиките на ВМРО-ДПМНЕ кои упорно одбива да ги прифати мерките за покачување на палатите на СДСМ, кои континуирано ги предлагаме. Додека сите европски држави ги зголемуваат платите и се борат да им помогнат на граѓаните, со високите трошоци за живот, не се поддржаа законите за унапредување на животниот стандард, бидејќи во изминатиот период беа одбени предлози на СДСМ, за покачување на минималната плата, за мерки за раст на платите во приватниот сектор, како и за директно намалување на цените на основните прозиводите“.

Според Лукаревска овие податоци на Евростат се порака за поразителните економски параметри на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние повеќе не можеме да бидеме алиби за сѐ, за ветеното а не остварено, за сите погрешни чекори на власта, која за една недела, ќе наполни една година владеење. За новиот ребаланс тезата е следна, заради импликлација врз буџетски средства како резултат на проекти што ги поднесоа општините за овој втор повик, нејасно е каде се средствата од унгарскиот заем, колку се искористени, од кои фирми. Сепак на единиците од локалната самоурпава треба да им се даде подеднаква шанса без разлика од која политичка опција доаѓа“.

Во врска со наведеното во Фискалната стратегија, во делот на транспарентност и отчетност, Лукаревска рече дека и СДСМ, но пред се граѓаните треба да бидат информирани за сите следни чекори како се трошат нивните пари.

„Очекуваме да ги видиме на дело и транспарентноста и отчетноста“, рече Лукаревска.

Собранието денеска во рамки на 53. пленарна седница ја донесе Фискална стратегија за 2026 – 2030 година, која ја образложи заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски. Тој рече дека документот ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, износите за главните категории проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот.

Според него Фискалната политика за периодот 2026-2030 година ќе биде насочена кон подобрување на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација. Клучна цел ќе биде подобрување на управувањето со јавните финансии, како и одржување на високо ниво на капитални расходи кои ќе ги поддржат долгорочните економски приоритети.

Посочи дека еден од елементите ќе биде и засилена транспарентност и отчетност во јавните финансии, со што ќе се унапреди ефикасноста на буџетските расходи.

Зачлени се на нашиот е-билтен