„Лукоил“ има лиценца уште три недели – неизвесност за иднината на 550 вработени во Македонија

За нешто повеќе од три недели ќе биде познат исходот од зделката меѓу руската компанија „Лукоил“ и меѓународниот трговец со стоки „Гунвор“, која треба да ја одобри американскиот Оддел за контрола на странски имот (ОФАЦ). Оваа зделка, што произлегува од санкциите воведени од САД на 22 октомври, ќе влијае и врз имотот на „Лукоил“ во Македонија, како и врз над 550-те вработени во компанијата.

Иако бензинските пумпи на „Лукоил“ во земјава засега работат нормално, меѓу вработените владее неизвесност за тоа што ќе се случи по истекот на лиценцата.

Што велат од Министерството за енергетика?

Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) појаснуваат дека „Лукоил Интернешнл ГМБХ“ е основач и содружник заедно со „Литаско Са“ на „Лукоил Македонија“. Компанијата има околу 15% удел на нафтениот пазар, поседува 40 бензински станици и вработува 550 лица.

„‘Лукоил Македонија’ се снабдува со нафтени деривати од рафинеријата во Бугарија“, велат од Министерството.

Бугарија забрани извоз на деривати

Во меѓувреме, бугарската влада донесе одлука за забрана на извозот на дизел и керозин, за да спречи можен недостиг на горива поради санкциите кон „Лукоил“ и рокот до 21 ноември, до кога компанијата мора да ги продаде сите странски средства.

Оваа продажба ги опфаќа и најголемите рафинерии на Балканот – „Лукоил Нефтохим“ во Бургас (Бугарија) и „Петротел-Лукоил“ во Романија, како и малопродажните мрежи во Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Турција и Романија.

Министерството: Ќе се обезбеди сигурно снабдување

„Министерството внимателно ја следи состојбата и ќе преземе соодветни мерки за обезбедување на редовно снабдување со нафтени деривати, во координација со европските партнери“, соопштуваат од МЕРМС.

20 години „Лукоил“ во Македонија

„Лукоил“ е присутен во Македонија веќе две децении, а годинава ја одбележа 20-годишнината од работењето. На 20 февруари компанијата ја отвори својата 40-та бензинска станица во Гостивар, а во последните пет години мрежата е проширена за осум нови објекти.

Извор: Независен.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен