Луна 9 лоцирана по 57 години на Месечината?(ВИДЕО)

Истражувачи користеле современи камери и вештачка интелигенција за да ја лоцираат првата сонда што изврши меко слетување на друго небесно тело

Истражувачите веруваат дека по шест децении по нејзиното историско слетување на Месечината, најверојатно ја пронашле советската сонда Луна 9. Ако ова откритие се потврди, тогаш би се ставило крај на една од најинтригантните мистерии од времето на Студената војна.

Луна 9 беше лансирана на 31 јануари 1966 година со ракетата Молња-М и успешно слета на Месечината на 3 февруари истата година. Иако претходните вселенски летала стигнале до Месечината, Луна 9 беше првата што изврши меко слетување на друго небесно тело во историјата на човештвото.

Капсулата за слетување ослободи четири панели во облик на ливчиња за стабилност и започна да снима фотографии со ТВ-камера и ротирачко огледало. Сондата работеше три дена, обезбедувајќи први слики од површина различна од Земјата, сè додека не се испразнија батериите. Мисијата немаше голем број експерименти, но значењето ѝ беше огромно: докажа дека површината на Месечината е стабилна, отворајќи пат за идните летови со екипаж.

Иако Советскиот Сојуз објави проценети координати на местото на слетување, точноста на пресметките дозволуваше сонда да биде оддалечена десетици километри. Поради тоа, Луна 9 никогаш не беше сигурно забележана на прелетувањата и снимките.

Тимот истражувачи примени современ пристап со камерaта со тесен агол на Lunar Reconnaissance Orbiter (LROC) и алгоритамот за машинско учење YOLO-ETA (You-Only-Look-Once – Extraterrestrial Artifact). Алгоритмот прво беше трениран на познати места за слетување, а потоа испратен да ја лоцира Луна 9. Сондата е идентификувана на координати 7,03° јужно и 64,33° западно, но официјална потврда се уште не е добиена.

Студијата беше објавена во списанието Space Exploration, а идните анализи ќе откријат дали навистина е пронајдена првата историска трага од мекото слетување на Месечината.

Зачлени се на нашиот е-билтен