Првоосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски – Палчо, е уапсен вечерва во Турција, потврди министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на вечерашната прес-конференција во МВР.
– Штотуку добивме известување од колегите од пријателска Турција дека креаторот, планерот, главниот координатор и директен извршител е фатен и лишен од слобода на нивна територија идентично со нашите оперативни сознанија во патеката на движењето на осомничениот, рече министерот.
Апсењето се случило во градот Баликесир, во близина на Истанбул откако претходно беше распишана меѓународна потерница за Палевски.
– Љупчо Палевски род.12.12.1964 год. во Скопје се бара со меѓународна потерница за истрага за кривични дела „грабнување” и “убиство“ по издадена наредба XV KO бр 3047/23 од Основното јавно обвинителство Скопје, беше објавено на веб-страницата на МВР.
Екстрадицијата ќе се изврши најбргу што може, рече вечерва министерот Спасовски и додаде дека МВР е подготвено таа операција да биде извршена веднаш.
Основното јавно обвинителство Скопје претходно денеска до судот поднесе и предлог за определување мерка краткотраен 48-часовен притвор и против 46-годишен скопјанец под сомнение дека извршил помагање на Љупчо Палевски – Палчо да избега во Турција, преку Бугарија и Србија.
Малолетната Вања беше пронајдена мртва на 3 декември во близина на Скопје, по пријавата за нејзино исчезнување на 27 ноември годинава. Додека, велешанецот Панче беше пронајден истиот ден, по пријавата за исчезнување од 24 ноември.
Во Основниот кривичен суд во Скопје вечерва беа спроведени и четворицата осомничени за убиството на Вања Ѓорчевска, каде судија на претходна постапка ќе треба да одлучи по предлогот на обвинителството за продолжување на мерката притвор.
Четворицата се спроведени од Истражниот затвор во Шутка, каде тројца се во притвор како осомничени за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, откако Судот претходно го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје и им определи мерка краткотраен притвор од 48 часа, поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и сторување ново кривично дело, додека таткото на 14-годишното девојче е осомничен дека споделувал информации со останатите осомничени за нејзиното излегување од дома.