Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„М“ на Вардан Тозија го почнува фестивалскиот живот со проекција на филмскиот маркет во Кан

Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и оваа година ќе биде присутна на филмскиот маркет кој се одржува од 16. до 27. мај во рамки на Канскиот филмски фестивал каде ќе биде промовирана македонската кинематографија.

Сцена од филмот „М“

Од најновата филмска продукција поддржана од Агенцијата за филм, проекции на маркетот на Канскиот филмски фестивал ќе има вториот долгометражен филм на Вардан Тозија насловен како „М“ (фантазија / драма, 99 мин.) во копродукција меѓу С. Македонија („Фокус покус филмс“), Хрватска, Косово и Франција. Станува збор за дистописка бајка, приказна за осумгодишниот Марко, кој во суровиот и мрачен свет обземен со таинствен вирус, е во потрага по својата мајка.

Годинава на Канскиот фестивал во програмата FOCUS WiP 2023 (Work in Progress) на Cinema Demain, ќе биде претставен и проектот LOYNES на режисерот Dorian Jespers. Филмот е во копродукција на SCUM Pictures и WrongMen од Белгија, FilmGrand8 од Франција, Веда Филм од С. Македонија и LONO Studio од Англија.

Краткометражниот филм во режија на Гоце Трајковски, „Досие иднина“, а во продукција на „Слобода филм“ ќе биде дел од каталогот на Short Film Corner и за таа цел, филмот ќе биде достапен во приватна и обезбедена видео-библиотека, до која пристап имаат само акредитирани професионалци кои се заинтересирани за кратки филмови за време на фестивалот. Се работи за драма/мистерија во кој играат Ебру Мусли, Ана Стојановска, Решид Береда…

Покрај овој работен дел, во рамките на Канскиот филмски фестивал, Агенцијата за филм ќе реализира низа активности во насока на афирмација на македонскиот филм на еден од најважните филмски фестивали во светот.

Македонскиот штанд во SEE павилјонот ќе биде место на кое македонската делегација од Агенцијата за филм ќе ги претстави најновите случувања во нашата кинематографија и ќе реализира средби за идни копродукциски соработки. За оваа цел е подготвен обемен каталогизиран и промотивен материјал.

Зачлени се на нашиот е-билтен