Венецуелскиот претседател Николас Мадуро ќе се кандидира на претстојните претседателски избори на 28 јули, за втор пат да биде реизбран за нов шестгодишен мандат, соопшти владејачката Социјалистичка партија.
„Има само еден исход, победата на народот на 28 јули. Ниту успеаја да не спречат, ниту ќе можат“, изјави Мадуро.
Последните анкети покажуваат дека 13,9 отсто од Венецуелците планираат да гласаат за Мадуро, што е многу помалку од 54,5 отсто кои планираат да гласаат за кандидатката на опозицијата Марија Корина Мачадо.
Покрај тоа што Мачадо победи на внатрепартиските избори во нејзината партија „Ајде Венецуела“, се уште не е сигурно дека таа ќе се кандидира за претседател на Венецуела, откако Врховниот суд и забрани да извршува јавни функции.
Венецуела претрпе хиперинфлација и економски колапс без преседан откако Мадуро ја презеде власта во 2013 година, по смртта на претседателот Хуго Чавез. Главните опозициски партии ги бојкотираа претседателските избори во 2018 година и одбија заедно со САД и другите, да ја признаат победата на Мадуро.