Во театарот „Симон Боливар“ во Каракас, на пленарната седница на петтиот конгрес на ПСУВ и четвртиот конгрес на младината, Николас Мадуро ја мобилизираше партиската база со порака за регионално единство и долготрајна политичка борба. Претседателот на Венецуела, повикувајќи се на наследството на Уго Чавез, ги критикуваше „интервенционистичките политики“ на, како што рече, империјалистичките сили и повика на „континентален отпор“ низ Латинска Америка.
Мадуро тврдеше дека „психолошката и когнитивната војна“ ја замаглува сликата за решеноста на Венецуела да остане слободна и независна. „Во империјализмот денес нема разумни и логични умови“, рече тој од сцената, инсистирајќи дека секој евентуален напад врз земјата би добил одговор не само во Каракас, туку низ целиот регион.
„Доколку се нападне Венецуела, тоа ќе биде удар врз целиот континент – Латинска Америка и Карибите ќе се обединат во еден глас на народен и траен отпор“, порача Мадуро. Пораката беше адресирана и до „револуционерните сили“ и до симпатизерите надвор од Венецуела: да сторат сè земјата да остане „неосвојлива, достоинствена и независна“.
Настапот доаѓа во контекст на перманентна мобилизација на партиските структури и се чита како внатрешно-политички сигнал за консолидирање на поддршката, но и како надворешно-политичка декларација кон соседството и меѓународната јавност.

