Maѓар најави крај на „Орбанизмот“ на Балканот

Унгарската политичка сцена зовре по последната меѓународна прес-конференција на опозицискиот лидер Петер Маѓар, победникот и иден премиер, кој најави драматичен пресврт во надворешната политика на Унгарија и директно ги отвори прашањата за влијанијата на Будимпешта во Западен Балкан.

Во жесток настап, Маѓар најави „крај на орбанизмот“ и дистанцирање од политиките поврзани со актуелниот премиер Виктор Орбан, особено во однос на регионалните интервенции и политичките влијанија.

Маѓар испрати директна порака дека Унгарија повеќе нема да се вмешува во изборни процеси во регионот, со посебен акцент на Македонија.

„Нема да влијаеме на избори, ниту во Северна Македонија, ниту во која било друга земја. Тоа завршува. Европа мора да почитува суверенитет“, порача тој.

Најголемо внимание предизвика делот посветен на поранешниот македонски премиер Никола Груевски.

Маѓар практично најави крај на унгарската политика на политички азил за лица со судски постапки, испраќајќи порака дека Унгарија нема да биде „скривалиште за меѓународно барани лица“.

Во остар тон, тој индиректно порача дека ваквите случаи ќе бидат предмет на ревизија и меѓународна соработка.

Ироничната порака дека „не е време за купување нов мебел“ беше протолкувана како сигнал дека статусот на дел од бегалците во земјата би можел да се промени.

Поддршка за проширување на Европската Унија

Лидерот на „Тиса“ нагласи дека идната унгарска политика ќе биде силно про-европска, со фокус на забрзување на проширувањето на ЕУ.

Според него, земјите од Западен Балкан не смеат да останат заглавени во долги политички блокади и треба да добијат фер шанса за членство, доколку ги исполнуваат критериумите.

Маѓар се осврна и на пошироките регионални односи, алудирајќи на политичките врски меѓу Будимпешта и Белград, предводен од претседателот Александар Вучиќ.

Тој најави можни проверки на, како што ги нарече, „политички координации и влијанија“ во регионот, истовремено повикувајќи на поголема независност на медиумите и граѓанското општество.

Пораките од Будимпешта се толкуваат како сигнал за потенцијално нова ера во односите меѓу Унгарија и Западен Балкан. Ако најавите на Маѓар се реализираат, политиката на Будимпешта би можела значително да се оддалечи од досегашниот курс и да се фокусира на намалување на влијанието во внатрешните политички процеси во регионот, вклучително и во Македонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен