Маѓар: Со недели зборуваме дека Вучиќ и Орбан ќе измислуваат напад на гасовод

Лидерот на унгарската опозиција, Петер Маѓар, ја доведе во прашање верзијата што ја пласираа Белград и Будимпешта за пронајдениот експлозив во близина на гасоводот „Балкански тек“ во северна Србија, оценувајќи дека случајот се појавува во чувствителен политички момент, само една недела пред парламентарните избори во Унгарија. Во објава на Фејсбук, тој наведе дека со недели добивал сигнали оти нешто „случајно“ ќе се случи на гасоводот во Србија за Велигден, по што побара премиерот Виктор Орбан да го информира за развојот на настаните и да го покани на состанок на Советот за одбрана.

Претходно, српскиот претседател Александар Вучиќ соопшти дека во близина на Кањижа, недалеку од границата со Унгарија, бил пронајден експлозив со голема разорна моќ покрај дел од гасоводната инфраструктура што пренесува руски гас кон Унгарија. Орбан потврди дека за тоа разговарал со Вучиќ и свика седница на Советот за одбрана, по што изјави дека, според информациите со кои располагаат, била подготвувана саботажа. И двајцата лидери не објавија фотографии ниту дополнителни технички детали за пронајдениот експлозив.

Случајот веднаш влезе и во предизборниот контекст во Унгарија. Според Reuters, Орбан влегува во изборната недела во момент кога неговата партија Фидес заостанува зад опозициската Тиса во дел од анкетите, а токму затоа изјавата на Маѓар доби дополнителна политичка тежина. Во истиот извештај се наведува и дека поранешен унгарски разузнавач изјавил оти во безбедносните кругови се зборувало за можен план за операција под лажно знаме поврзана со гасоводот во Србија, но без јавно објавени докази што би ја потврдиле таквата теза.

По седницата на Советот за одбрана, Орбан не ја обвини директно Украина, но рече дека Киев со години се обидува да ја отсече Европа од руските енергенси. Украина возврати дека нема никаква врска со инцидентот и оцени дека најверојатно станува збор за руска операција под лажно знаме во рамки на мешање во унгарските избори. Русија, пак, застана зад унгарската позиција и преку својата дипломатија оцени дека Украина се обидува да ја загрози енергетската сигурност на Будимпешта.

Зачлени се на нашиот е-билтен