Магдалена Чадиноска Кузмановски, социјален работник која секојдневно работи со жртви на семејно и родово базирано насилство, објави реакција на својот Фејсбук-профил по последниот случај на фемицид во Велес. Во својата објава таа изразува згрозеност и загриженост од трагичниот настан, но и укажува на системските пропусти во заштитата на жените и потребата од итни институционални мерки за превенција.
Ви го пренесуваме во целост целиот фб статус:
Вчера во Македонија уште една млада жена, на само 31 година, беше убиена од бившиот партнер кој повеќепати претходно бил пријавуван во полиција. Убиена е таа, нејзиниот татко, а насилникот си го одзеде животот.
Истата таа приказна ја слушам постојано, жените пријавуваат, алармираат, бараат заштита, а институциите остануваат глуви и неми. Реагираат дури кога е доцна, кога трагедијата е веќе факт.
Работата на институциите не е да констатираат смрт. Работата им е да обезбедат живот, достоинствен, квалитетен и без страв. Секое игнорирање на пријавите е соучесништво во насилството.
Сите жртви со кои сум работела ја носат истата болка и истата приказна молби за помош, наспроти институционална тишина. Оваа негрижа не е случајна, туку намерна. А цената ја плаќаат жените и нивните семејства. Сликата е црна, со чест на исклучоци. Но наместо да се радуваме на позитивните исклучоци, време е конечно да ги санкционираме негативните практики, да има одговорност за оние што не реагираат.
Дополнителен проблем е односот на стручните лица кои, наместо да сфатат сериозно, знаат да ѝ кажат на жртвата: „Ма не се секирај, само те заплашува, ништо не е тоа, уживај си.“ Таквиот однос убива. Таквото омаловажување и негирање е уште една причина што многу жени остануваат збунети и незаштитени.
Доста е институциите да се појавуваат само на крај, кога ќе бројат жртви. Време е да почнат да спасуваат животи и тоа веднаш, со примена на законите и протоколите што веќе постојат.