Третиот ден од 4. Интернационален фестивал на детски театар „Игор Маџиров“ поминува во знак на креативност, имагинација и човечка топлина. Денешната програма носи два впечатливи контраста – играта со сенките и моќта на зборот, кои преку детска фантазија и човечка емпатија ја прикажуваат убавината на театарот за сите возрасти.
Двојниот термин денес е резервиран за домашната продукција „Свадби на животни и нешта“ на Театарот „Сенки и облаци“. Инспирирана од делото на Георги и Раја Господинови, претставата ги отвора вратите кон невидливиот живот на предметите и ја слави детската имагинација. Катерина Стефановска, Александра Стојановска, Дарко Богески и Круме Стефановски ќе нè поведат низ свет во кој постојат „кроко-каучи“, „камило-чајници“ и други чудесни споеви што ги создаваат само сенките и фантазијата. Претставата ќе се одигра во два термина – во 11:00 и 13:00 часот, во Н.У. Театар за деца и младинци.
Вечерниот термин, пак, е резервиран за гости од Романија – Театарот за деца и младинци „Мерлин“ од Темишвар со претставата „Прозорецот“. Режисерот Давид Зуазола, заедно со актерите Роберт Копоц и Лауренциу Плеша, ја претвораат болничката соба во место каде се раѓаат надеж, пријателство и животна мудрост. Приказната за двајца пациенти кои преку зборовите го бојат светот надвор од ѕидовите, е трогателна и инспиративна порака за сите што веруваат во човечката поврзаност. Претставата ќе се одигра во 19:30 часот во Н.У. Театар за деца и младинци – Скопје.
Во рамки на фестивалот, во петок од 13:00 часот, на Факултетот за драмски уметности ќе се одржи и предавање на реномираниот актер и режисер од Србија, Дамјан Кецоевиќ, на тема „Сценски движења“. Настанот е отворен за сите љубители на театарската уметност кои сакаат да ги откријат „малите тајни на големите мајстори“.