Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска едногласно ја избра Маја Коневска за генерален секретар на институцијата. Во моментот, Коневска е раководител на секторот за стратешко планирање и интегритет во Комисијата.
Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, објасни дека изборот на нов генерален секретар е неопходен по неговото назначување за претседател, што значи дека му престанале надлежностите кои претходно ги имал на оваа функција.
Чучуљ го образложи предлогот истакнувајќи дека Коневска е дел од секретаријатот од 2005 година и има над 20 години континуирано искуство во Комисијата. Тој потенцираше дека таа напредувала низ различни позиции, од раководител на одделение до раководител на сектор, а нејзиното искуство опфаќа и меѓународна соработка, комуникација со граѓанскиот сектор и учество во подготовката на клучни стратешки документи, меѓу кои државни програми и национални стратегии.
– Со оглед на нејзиниот долгогодишен ангажман и значајниот придонес во развојот на институцијата, убеден сум дека Маја Коневска успешно ќе се справи со предизвиците на функцијата генерален секретар – рече Чучуљ.