„Ако на двете страни има некакво незадоволство, вообичаeно тоа значи дека тоа е најдобриот договор што можел да се добие. Се прашувам, ако повторно го отвориме прашањето, дури и на ниво на сомнеж, дали е мудро да се прави тоа“, вели Мајк Зафировски, еден од најпроминентните претставници на македонската дијаспора во интервју за „360 степени“.
Запрашан што мисли за гестот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова при поднесувањето на заклетвата, тој пред се порача да ги избираме „битките во кои можеме да победиме“.
„Сурен сум дека тоа што ќе го кажам ќе предизвика гнев кај некои луѓе. Ако му зборувам на македонскиот народ, ќе гледам во камерата. Мислам дека сум Македонец патриот, ја љубам оваа земја, ја љубам иднината за неа. Но, можеби оваа перспектива е премногу практична, двајцата премиери што го потпишаа Договорот од Преспа, ги загубија следните избори. Голем дел од причината беше договорот за името. Кога грчкиот премиер и Заев повеќе не беа на власт, имаше многу незадоволство на двете страни. Од перспектива на бизнисот, историја на преговори, ако на двете страни има некакво незадоволство, вообичано тоа значи дека тоа е најдобриот договор што можел да се добие. Се прашувам, ако повторно го отвориме прашањето, дури и на ниво на сомнеж, дали е мудро да се прави тоа?“- вели Зафировски.
На забелешката дали верува дека тоа не ѝ е од полза на Северна Македонија, тој одговори:
„Ние ја нарекуваме Македонија приватно и на други места, но ако имате договор… Повторно, ако имате 11 или 12 големи прашања, дали ви требаат дополнителни одвраќања од вниманието? Уште една перспектива, без да навлегувам во историјата… Ручав со претседателот Иванов пред десет години. Му поставив прашање – ме интересира, љубопитен сум за преговорите за името, колку од вашето време трошите на грчкото прашање? Ми рече 90%. Пак го прашав – вие или и премиерот и персоналот. Мислев ќе рече, само јас. Ми рече и премиерот и персоналот. Ми рече, сите ние. Во практична смисла, можеби сум премногу далеку од Македонија, но кога ги имате сите овие предизвици, ако трошите 90% од времето, иако не велам дека е неважно прашање – колку ви останува за да ги решавате другите проблеми? Тоа што го велам е дека, имајќи ги предвид сите предизвици, би се обидел да најдам начин да го оставам тоа прашање настрана и да гледам напред. Ако сакате да промените, мислам би било многу тешко да постигнете нешто подобро отколку тоа од пред неколку години. Повторно, ова е лично мислење, не на „Македонија2025“. Јас сум патриот, навистина сакам да се намали „одливот на мозоци“, да се крене земјата на следното ниво. Бирајте ги битките во кои можете да победите“, порача Зафировски.