„Мајка“ ја освојува Франција, 600 кина го бараат уште пред премиера

Мајка (Mother)
Мајка (Mother)

Филмот „Мајка“, најновото остварување на режисерката Теона Стругар Митевска, од 3 декември официјално започнува со дистрибуција низ Франција, по спектакуларната премиера во Париз. Двете најголеми киносалони – UGC Bercy и Pathé Convention – беа исполнети до последно место, што уште еднаш го потврдува силниот интерес на француската публика кон овој македонски филм.

Во рамки на промотивната турнеја, „Мајка“ привлече внимание на водечките француски медиуми како Télérama, Europe 1, INA, Elle и Le Journal du Dimanche, кои упатија ентузијастички критики. Рецензентите ја истакнуваат тематската длабочина на филмот, авторската сигурност и актуелниот уметнички израз.

Само во октомври и ноември, „Мајка“ беше прикажан на 26 меѓународни филмски фестивали и освои значајно внимание од стручните жирија. Филмот веќе е продаден за дистрибуција во повеќе од 40 земји, што претставува редок успех за регионално филмско остварување.

Посебни пофалби добија актерските изведби. Номи Рапас блеска со една од нејзините највпечатливи улоги, додека Никола Ристановски импресионира со суптилен, емотивно комплексен настап кој ја освои европската публика.

Филмот е потврден за прикажување во 230 киносали во првите две недели, а дополнително околу 600 кина низ Франција го имаат резервирано за долгорочните репертоари – подвиг што ретко го постигнува филм од регионот.

„Мајка“ оваа есен беше дел од престижни фестивали, меѓу кои: London FF, Ghent FF, Arras FF, Geneva IFF, Thessaloniki FF, Ljubljana FF, Tallinn Black Nights, како и фестивали во Рио де Жанеиро, Токио, Колката и Маракеш. Важна е и селекцијата на Camerimage FF во Полска, еден од најзначајните фестивали за директори на фотографија.

Во декември, филмот конечно пристигнува и пред домашната публика, со редовни проекции во Кинотеката на Македонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен