Филмот „Мајка“ на македонската режисерка Теона Стругар Митевска е влезен во пошироката листа од 67 долгометражни, документарни и анимирани филмови кои се разгледуваат за номинации за Европските филмски награди. Од нив, 27 филмови се режирани или корежирани од жени, што ја истакнува разновидноста и креативноста на европската кинематографија.

Триесет и осмото доделување на наградите, познати како европски Оскари, е закажано на 17 јануари 2026 година во Берлин, а официјалните номинации ќе бидат објавени на 18 ноември.
„Мајка“, инспириран од животот на Мајка Тереза, е прв филм на Митевска на англиски јазик и ќе се прикажува во сите кина низ Македонија од 16 октомври. Филмот го следи седумдневниот период во 1948 година кога Мајка Тереза чекала одобрение од Ватикан за да го напушти манастирот и да основа нов ред, прикажувајќи ја внатрешната борба помеѓу слободата и посветеноста кон Бога.
Во улогата на Мајка Тереза е шведската актерка Номи Рапас, а Никола Ристановски ја толкува улогата на отец Фредерик, додека Силвија Хокс ја игра сестра Агнешка. Директорка на фотографија е Виржини Сен-Мартан од Белгија, сценографијата е на Вук Митевски, а прв асистент на режија е Јане Ќортошев.