Во преполната сала на Постојаната анкетна комисија во Собранието, во момент кога целиот државен врв ја слуша трагедијата наречена „Пулс“, мајката на една од жртвите, Марија Петрушова, го постави најнеудобното прашање за системот: зошто за пожарот не се гонат и актуелниот министер за економија и сегашниот директор на Државниот пазарен инспекторат? На што следеше длабока неудобна пауза меѓу присутните од државниот врв.
Петрушова пред пратениците и функционерите потсети дека во пожарот во кочанскиот ноќен клуб „Пулс“, на 16 март годинава, речиси 60 млади луѓе го загубија животот, а близу 200 беа повредени – најсмртоносната несреќа од ваков тип во поновата историја на земјата. Клубот работел со години без минимални технички услови, без противпожарна заштита и со реконструкции без дозволи, додека институциите формално требало да го контролираат.
„Ова не е само наш личен трауматичен настан, туку системска опасност за сите граѓани“, беше пораката на Петрушова, која побара трагедијата да се третира како сериозно прекршување на човековите права, особено на правото на живот. Таа нагласи дека семејствата не бараат сочувство, туку вистинска правда и јасно утврдена одговорност на сите нивоа – од локалните инспекции до државните институции.
Во своето обраќање таа направи пресек на целиот синџир институции кои имале надлежност и увид во работата на дискотеката: Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност, СВР Штип и ОВР Кочани, инспекторите за економски криминал, локалната самоуправа и општинските инспекции, Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија, УЈП, Државниот завод за статистика и приватната агенција за обезбедување „Рубикон“. Наместо да ги заштитат младите, рече таа, системот ги оставил во објект кој работел незаконски и без соодветни стандарди за безбедност.
Клучниот дел од нејзиниот настап беше насочен кон прашањето кој сè не се наоѓа во обвинителниот акт. Обвинението, поднесено во јуни, опфаќа 34 физички и три правни лица – сопствениците и управителите на фирмата, тројца поранешни градоначалници на Кочани, повеќе поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, државни службеници, поранешни министри за економија и други одговорни лица. Но меѓу нив, како што потсети Петрушова, ги нема актуелниот министер за економија и сегашниот директор на ДПИ, иако нивните институции се дел од истиот систем на контрола и лиценцирање.
Токму тука, според семејствата, се гледа „монтажата“ на одговорноста: се гонат поранешни функционери и службеници, додека сегашните раководители остануваат надвор од судската приказна, иако трагедијата се случила во време кога тие веќе седеле на функциите и имале можност да проверат како работи клубот. Прашањето што Петрушова го постави пред Комисијата беше едноставно, но тешко: ако за објект што со години работел незаконски никој од актуелните раководители не сноси одговорност, каква порака се испраќа до граѓаните?
Нејзиниот настап доаѓа во момент кога судењето за „Пулс“ веќе почна, во голема судница во Идризово, со тим од 15 обвинители и десетици обвинети. Паралелно, Анкетната комисија во Собранието – на која присуствува и државниот врв – треба да утврди каде потфрлиле институциите и дали е потребна политичка одговорност на високо ниво. Семејствата бараат двојна линија: судски процес што ќе ги опфати сите кои во конкретен момент не си ја завршиле работата и парламентарен притисок за да не остане ниту една функција заштитена од прашања.
Во позадина на емотивниот настап стои и стравот дека, без јасно именување на сите одговорни, трагедијата може да се повтори на друго место – во друг нелегален клуб, хотел, спортски објект или трговски центар. „Ако системот не научи ништо од Пулс, тогаш нашите деца залудно загинаа“, предупредуваат родителите. За нив, прашањето за актуелниот министер и директорот на ДПИ не е политичка пресметка, туку тест дали државата навистина е подготвена да се погледне себеси во огледало.

