Додека родителите на загинатите во пожарот во дискотеткоата „Пулс“ во Кочани, на денешната Анкетна комисија бараа правда, одговорност но и морална одговорност од премиерот Христијан Мицкоски, пратениците од ВМРО – ДПМНЕ бараа претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, Димитар Апасиев да се изземе и да не го води ова тело бидејќи „е неспособен да гарантира непристрансот и објективност“.
На седницата присуствуваше целиот државен врв, Христијан Мицкоски, претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова и претседателот на Собранието, Африм Гаши, но ниту еден од нив не учествуваше во расправата за трагедијата во Кочани во која загинаа 63 луѓе а повеќе од 200 се повредсени.
Родителите низ солзи бараа правда за загинатите.
Марија Петрушова, мајка на жртва во пожарот, рече дека трагедијата е резултат на системски пропусти и негрижа посочи дека се сослушани само поранешни, а не и актуелни функционери и побара случајот да се разгледа како сериозна повреда на човековите права, со посебен акцент на правото на живот.
„За нас ова не е политика – ова е борба за живот. Државата мора да ја пооправи неправдата. Владата има законска и морална одговорност да постапи праведно и одговорно. За нашите деца – вистинска правда. За вашите деца – безбедност, за сите нас – иднина“, рече Петрушова во обраќањето пред пратениците и пред државниот врв.
Таа кажа дека наместо брза и темелна истрага, родителите на загинатите деца се принудени „да ја молат државата за правда“. Се пожали дека ниту Владата ниту премиерот и по еден месец по изборите не дале одговор на барањето на здружението „16 март“ за институционална еднократна помош, што според неа, остава впечаток дека темата за Кочани не се третира со неопходната итност.
На седницата на оваа собраниска комисија единствена точка е претставката од здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“ за трагедијата во „Пулс“ пред девет месеци во која загинаа 63 луѓе а повеќе од 200 повредени.

