Маќадо најави враќање во Венецуела: „3 јануари е пресвртница“

Лидерката на венецуелската опозиција и добитничка на Нобеловата награда за мир за 2025 година, Марија Корина Маќадо, најави дека ќе се врати во Венецуела „што е можно поскоро“, по апсењето на Николас Мадуро од страна на американските сили и формирањето привремена власт во Каракас. Нејзината најава дојде преку интервју за американската телевизија „Фокс њуз“, во кое ја поздрави американската акција и ја претстави како историски пресврт за земјата што со години е заробена во политичка и економска криза.

Маќадо ја опиша 3 јануари како датум што „ќе остане запишан во историјата“ и порача дека „правдата триумфирала над тиранијата“, оценувајќи дека приведувањето на Мадуро е „џиновски чекор за човештвото, за слободата и човечкото достоинство“. Дел од интервјуто беше објавен и како видео-клип, кој кружи на социјалните мрежи како порака дека опозицијата ќе се обиде да го капитализира моментумот, додека на терен институциите и безбедносниот апарат сè уште остануваат во голем дел под влијание на структурата изградена во годините на чавизмот.

Во истото интервју, Маќадо остро ја нападна Делси Родригез, потпретседателката која положи заклетва како вршителка на должноста претседател. Таа ја нарече Родригез „еден од главните архитекти на тортурата“ што ѝ се припишува на власта и оцени дека таквата транзиција нема легитимитет меѓу граѓаните, без разлика на помирливиот тон што Родригез го испраќа кон Вашингтон. Маќадо, пак, ја постави својата понуда како радикална промена: тврди дека на „слободни и фер избори“ опозицијата би победила убедливо, со програмска линија што вклучува владеење на правото, отворање на пазарите и „правна сигурност“ за инвестиции, со цел Венецуела да стане енергетски центар во регионот.

Но, парадоксот е што во Вашингтон, барем во првите реакции, нејзиниот политички подем не изгледа како „план А“. Според извештаите што ги пренесуваат медиумите, американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрлил можноста Маќадо да ја преземе улогата на привремена претседателка, со образложение дека „нема доволна поддршка и почит“ во сопствената земја. Таквата дистанца сугерира дека САД, барем засега, сакаат контролирана транзиција преку постојниот државен апарат, наместо преку опозициски лидер што би ја отворал темата за целосно ресетирање на системот.

Маќадо, во последните две години, стана симбол на опозицијата, но и мета на институционални блокади. Таа беше прогласена за неподобна за кандидатура пред претседателските избори во јули 2024 година, по што опозицијата го кандидираше Едмундо Гонзалес Урутија. Опозициските структури тврдеа дека освоиле убедливо мнозинство, додека државниот изборен систем го прогласи Мадуро за победник, со образложение дека деталните резултати не можеле да се објават поради „сајбер напад“. По изборите, Гонзалес ја напушти земјата, а властите распишаа потерница, што дополнително ја цементираше атмосферата на прогон и страв.

Сега, со Мадуро во американски притвор и Родригез на чело на привремената власт, Маќадо се обидува да го врати центарот на тежиште во Каракас. Нејзиното „што е можно поскоро“ е повеќе од календарска најава: тоа е порака дека не прифаќа транзиција што би ја продолжила старата архитектура со нова фигура на врвот. Дали ќе успее да се врати и политички да се позиционира, ќе зависи од две работи што во Венецуела ретко се одвојуваат: од безбедносната реалност на терен и од тоа кој, во следните недели, ќе ја контролира процедурата за нови избори.

Зачлени се на нашиот е-билтен