Македонија дескриминира: На лицата со попреченост не им се признава стручното образование

дискриминира
Илустративна фотографија / Создадено со вештачка интелигенција (ВИ)

Иако завршуваат тригодишно средно образование, младите со попреченост од училиштата за образование и рехабилитација во системот на вработување се водат како лица без комплетирано образование. Овој административен јаз ги лишува од права, ги оттурнува од пазарот на труд и отвора сериозни прашања за системска дискриминација и неуспех на институциите да обезбедат вистинска инклузија.

Aвтори: Зоран Биковски* и Тони Ајтовски**

Ѓ.Б. од Делчево е млада девојка што завршила средно образование во Државното средно училиште за образование и рехабилитација „Искра“ од Штип. Но, кога се пријавила да бара работа, бирократскиот систем не ѝ ја признал нејзината стекната диплома.

Таа е една помеѓу 60 до 80 ученици што секоја година се запишуваат во државните средни училишта за oбразование и рехабилитација. По тригодишно школување и практична обука, овие млади луѓе добиваат официјално уверение за завршено средно образование, но во моментот кога ќе се обидат да го формализираат својот статус во Агенцијата за вработување (АВРСМ), нивниот труд се девалвира на ниво на незавршено образование.

Едноставно, административниот систем вели дека тие се лица со двегодишно средно образование.

Овој системски дефект има свои корени во несоодветната дигитална и процедурална координација меѓу Министерството за образование и наука (МОН) и Агенцијата за вработување. Додека образовниот систем ги препознава како матуранти со специфични звања, софтверскиот систем на АВРСМ нивното тригодишно образование го оценува како некомплетирано.

Резултатот е поразителен: овие лица се евидентираат во графата „лица без завршено средно образование“, што автоматски ги исклучува од сите клучни државни мерки за поддршка на младите при вработување.

Бирократски апсурд

Ѓ.Б. не сака лична промоција, туку едноставно бара да ѝ се признае нешто што законски ѝ припаѓа за да ги користи истите мерки што важат за другите завршени средношколци.

По комплетирањето на тригодишното средно образование, таа се стекнала со уверение за работно оспособување „помошник конфекционер“, па се пријавила во Центарот за вработување да бара работа. Таму се соочила со непремостлив апсурд.

Кога службениците во АВРСМ го внеле во системот нејзиното уверение за завршено образование, добила одговор дека е невработено лице со две години средно образование и поради тоа се наоѓа во групата лица со некомплетно средно образование. Тоа значело дека нема право да ја користи мерката „Практикантство“, односно да почне со тримесечна пробна работа што ќе ја плаќа АВРСМ, ниту, пак, на младински додаток од 3.000 денари на платата до навршување 23 години.

„Се запишав во училиштето ‘Искра’ затоа што мислев дека ќе завршам средно образование и ќе добијам стручност. Сега не знам каква е мојата добивка од тоа ако државата вели дека сум лице без средно образование. Единствено се надевам дека оваа неправда ќе се исправи и ќе бидам третирана еднакво како сите млади завршени средношколци“, кратко вели Ѓ.Б.

Неправедниот случај на Ѓ.Б. се продлабочува кога таа, и покрај системските бариери, успеала да најде работа. Сепак, нејзиното вработување траело само десет дена, по што работодавачот ја отпуштил исплаќајќи ѝ надоместок од 6.000 денари. Овој мал приход активирал друг ригиден механизам во државата – Центарот за социјална работа во Делчево донел решение за прекин на мерката Гарантирана минимална помош за целото нејзино петчлено семејство.

Законот за социјална заштита, кој е дизајниран да им помага на најсиромашните, во овој случај дејствувал како казнена мерка. Бидејќи Гарантирана минимална помош се пресметува врз основа на приходите од последните три месеци на сите членови на домаќинството, краткиот и нестабилен ангажман на Ѓ.Б. го оставил нејзиното семејство без никаков приход.

Едноставно, социјалниот систем не ја препознал ранливоста и краткотрајноста на работниот однос, што создава опасен преседан. Така, лицата со попреченост се плашат да прифатат работа поради ризикот да ја загубат и онаа минимална сигурност што им ја нуди социјалната помош.

(Не)еднаков третман

Информациите од надлежните државни институции откриваат недостиг на координација и префрлање на одговорноста од еден на друг сектор. Се поставува логична дилема – ако уверението за завршено образование не е признаено во државните институции, тогаш која е смислата на самото постоење и финансирање на тие училишта од страна на државата.

„Веќе неколку години на сила е инклузивното образование. Целта е никој да не се запостави и да му се помогне да се вклучи во наставата и да има понатаму можност за напредок во животот. Затоа и се воведоа образовните асистенти, кои треба да им помагаат на учениците со попреченост да можат да се вклопат во наставата и во образовниот процес. Не сум сигурен како државните средни училишта за рехабилитација функционираат во моментот, но факт е дека треба да овозможат еднаквост на учениците и да се дел од инклузивноста. Доколку нивното уверение за завршено средно образование не биде признаено во институциите, која би била и логиката учениците да се запишуваат во тие училишта“, оценува Ванчо Новоселски, советник за образование во Општина Делчево, нагласувајќи ја системската недоследност.

Државното средно училиште за образование и рехабилитација „Искра“ од Штип

Од Центарот за социјални работи информираа дека ги спроведуваат законските надлежности, и додека трае образовниот процес, на малолетните лица им издаваат упатница за категоризација.

„Дали некое лице ќе се запише во редовното образование или, пак, во специјалните средни училишта е одлука на семејството и ние тука не можеме да се мешаме. Не е во ред ако не им се признаваат уверенијата за завршено средно образование и ако немаат ист третман на пазарот на труд. Целта на инклузивното образование е да се подготват подобро за пазарот на труд, а самиот закон е донесен во согласност со начелото – Најдобар интерес на детето“, смета социјалниот работник Влатко Митев.

Иако работи веќе 40 години, Државното средно училиште за образование и рехабилитација „Искра“ од Штип се соочува со намален број ученици. Вработените се свесни дека несигурноста по завршувањето на образовниот процес дејствува демотивирачки и за учениците и за родителите.

„Во изминатиот период сме имале и по повеќе од 20 ученици годишно, но со воведувањето на инклузивното образование, бројот осетно се намали. Ние, како стручен тим, пред крајот на секоја школска година ги посетуваме основните училишта и им објаснуваме на родителите кои услуги и каков квалитет на образование ќе добијат нивните деца. Покрај тоа што учат во средина во која полесно ќе се реализираат, во една покомфорна атмосфера, учениците што не се од Штип можат бесплатно да се сместат во интернат. Инаку, да бидеме начисто, со завршувањето во нашето училиште, на овие ученици им се заокружува образованието и тоа се води како завршено средно образование. Ако не можат да ги користат еднакво активните мерки како и другите лица со средно образование, тоа не е во ред“, нагласува Слаѓана Петровска, социјален работник во ДСУ „Искра“.

Дипломи што не можат да се внесат во систем

Во Министерството за образование и наука (МОН) тврдат дека проблемот е исклучиво „од техничка природа“ и дека се работи за недоразбирање и отсуство на координација, иако реалноста на шалтерите на АВРСМ го демантира тоа.

Според Пенка Мантова-Здравковска од МОН, уверението за завршено образование во државните училишта за рехабилитација е еквивалентно со другите уверенија. Таа се повикува на одлуката објавена во „Службен весник“ 3/25, која, според неа, треба да биде доволна за Агенцијата за вработување да го приспособи својот систем.

„Уверението за завршено државно училиште за средно образование и рехабилитација е еквивалентно со другите уверенија за завршено средно образование. Проблемот е од техничка природа и тој може да се реши со допис од Министерство за економија и труд до Агенцијата за вработување. Не постои никаква пречка овие лица да ги користат мерките ‘Практиканство’ и ‘Младински додаток’. Тоа значи дека има само различно толкување и пропусти во координацијата, но нема проблем“, смета Мантова-Здравковска.

Сепак, состојбата на терен е поинаква. Даниела Трајановска од Центарот за вработување во Делчево вели дека системот едноставно не дозволува внесување на овие лица во евиденцијата на завршено средно образование. Со тоа само се потврдува фактот дека техничкото решение е далеку од имплементација. Бројот на лица со попречености што ги евидентирале во Центарот е прилично висок и на крајот од 2024 година 44-мина од нив биле невработени.

Ваквата бирократска инертност директно се судира со Законот за средно образование, кој во својот член 3 прокламира забрана за дискриминација заснована на социјално потекло и попреченост. Државата со тоа што не ги усогласува своите внатрешни системи, врши системска дискриминација врз најранливата група граѓани.

Социјалната заштита како бариера за вработување

Анализата на Законот за социјална заштита открива зошто многу семејства се плашат од вклучувањето на нивните деца со попреченост на пазарот на труд. Гарантираната минимална помош е клучен извор на егзистенција за многу вакви домаќинства. Меѓутоа, системот е поставен така што секој приход, колку и да е мал или привремен, се засметува во вкупната состојба.

Законот предвидува дека право на Гарантирана минимална помош не може да оствари домаќинство во кое член може сам да се издржува. Случајот со Ѓ.Б., која по десет дена работа ја загубила помошта за целото семејство, ја покажува ригидноста на членот, кој не прави разлика меѓу стабилно вработување и краткотраен ангажман. Дополнително, доколку работниот однос престане по волја на работникот или поради кршење на обврските, семејството може да биде казнето со исклучување од социјалниот систем на период од 12 месеци.

Оваа „казнена“ природа на социјалниот систем е во директна спротивност со напорите за инклузија. Наместо да ги поттикнува младите со попреченост да се испробаат на пазарот на труд, системот ги принудува да останат пасивни корисници на социјална помош, плашејќи се од тоа дека еден неуспешен обид за вработување, може да го доведе целото семејство до работ на гладот.

Зголемениот број претставки до Комисијата за заштита од дискриминација (КСЗД) во 2024 година, каде што правата од работен однос се доминантна тема, укажува на потребата од правна разрешница на овој проблем. Законот за спречување и заштита од дискриминација јасно ги дефинира попреченоста и образованието како основи по кои е забранета дискриминацијата.

Случајот со учениците од ДСУ „Искра“ и другите слични училишта веќе е предмет на претставки до КСЗД, Министерството за економија и труд, како и до Министерството за социјална заштита, млади и демографија. Доколку се утврди дека државата со својата неактивност и софтверска грешка оневозможува пристап до права, тоа ќе биде јасен доказ за системска дискриминација, која мора да биде санкционирана и поправена.

Лицата што завршиле специјално средно образование исклучени од мерките за вработување

Преку Оперативниот план за вработување за 2025 година, Владата издвои рекордни 40 милиони евра за поддршка на невработените. Сепак, анализата на критериумите за користење на овие средства открива дека тие се речиси недопирливи за лицата со попреченост што завршиле специјално средно образование.

Младинскиот додаток е замислен како месечен стимул од 3.000 денари за млади до 23 години вработени во производството, со намера да се поттикне вработувањето во индустријата и да се зголеми животниот стандард на младите работници. Сепак, членот 3 од Законот за младински додаток експлицитно наведува дека корисникот мора да има „минимум завршено средно образование“. Бидејќи АВРСМ системски не ги признава уверенијата од училиштата за рехабилитација како полноправни дипломи за средно образование, овие млади луѓе се „де факто“ исклучени од оваа придобивка.

Практично Законот, во својата сегашна форма, претставува извор на директна дискриминација, а неспособноста на државата да ги усогласи своите одредби со реалноста на теренот резултира со економска маргинализација на десетици млади луѓе секоја година.

Слична е ситуацијата и со мерката „Практиканство“, која на младите до 29 години им овозможува да се стекнат со практични вештини кај работодавач, со надоместок платен од државата. За 2025 година, оваа мерка требаше да опфати 1.352 млади лица. Повторно условот е завршено минимум средно образование. За лицата со попреченост, кои имаат најголема потреба од практична работа и менторство за да ја надминат почетната несигурност на работното место, оваа врата е затворена поради административна грешка и никој не презема одговорност да биде отстранета.

Меѓународни стандарди и „медицинскиот модел“ на попреченост

Извештаите на УНИЦЕФ за Северна Македонија укажуваат на тоа дека државата сè уште робува на „медицинскиот модел“ на попреченост. Овој модел ги гледа овие лица како пациенти што треба да бидат згрижени, наместо како граѓани со права кои треба да бидат оспособени за самостоен живот.

„Употребата на различни дефиниции и категоризации на попреченоста во законодавството не е во согласност со моделот на попреченост заснован на човековите права. Дополнително, не се унифицирани дефинициите за лицата со попреченост што се користат во различни документи, додека, пак, лицата со психосоцијална попреченост воопшто не се препознаени, со што се изоставува една цела заедница од севкупниот систем на социјален надоместок по основ на попреченост. Голем дел од јавноста има негативен став кон лицата со попреченост, а овие ставови се поддржани од општото неразбирање на попреченоста и, општо земено, на лицата со попреченост. Владата мора да ја оцени ефективноста и влијанието на своите стратегии и кампањи насочени кон подигнување на свесноста на јавноста“, се наведува во Анализата на состојбата со правата на лицата со попреченост во Република Северна Македонија во 2021.

Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, која државата ја има ратификувано, бара од властите да обезбедат услови за целосно и ефикасно учество во општеството на еднаква основа со другите.

Непризнавањето на средното образование кај овие млади луѓе е директно кршење на оваа конвенција. Со тоа што системот ги дефинира како лица со незавршено образование, тој им ја одзема „достоинственоста на работата“ и ги турка кон маргините на општеството.

Македонскиот државен систем се наоѓа на крстопат помеѓу декларативната заложба за инклузија и суровата административна реалност што ги казнува децата со попреченост за нивниот образовен труд. Доколку државата не успее да го затвори јазот меѓу МОН и АВРСМ, таа не само што губи потенцијална работна сила, туку и свесно произведува генерации на социјално исклучени граѓани.

Примерот со Ѓ.Б. од Делчево не е техничка грешка, туку тест за етичкиот и за правниот интегритет на целиот систем.

Иднината на околу 80 млади луѓе секоја година зависи од тоа дали некој во надлежните министерства ќе има политичка волја да притисне на вистинското копче и да признае дека нивното тригодишно школување не е само „загубено време“, туку легитимна и вредна основа за нивниот професионален живот.

*Зоран Биковски е граѓански активист во Здружението „Жена“ – Делчево

**Тони Ајтовски е новинар

Текстот е преземен од Локал Актив, онлајн медиум на локалните заедници од Источниот и Југоисточниот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.

Оваа содржина е создадена во рамките на проектот „ Медиуми на заедницата за граѓански ангажман: Трансформирање на општествените барања во општествена акција“, кој го спроведува Институтот за истражување на општествениот развој РЕСИС од Скопје, со финансиска поддршка од Европската унија. Ставовите и мислењата искажани во содржината не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на спроведувачите и на авторот.

Зачлени се на нашиот е-билтен