Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денеска треба да донесе конечна одлука за најповолен понудувач на тендерот за трет мобилен оператор, процес кој започна уште минатата година со интересот на „Оне Македонија телекомуникации“ – подружница на унгарската Групација 4иГ.
Со оваа одлука, најавен е официјален влез на новиот оператор на македонскиот пазар на почетокот на 2026 година, што ќе ја зголеми конкуренцијата и се очекува да влијае на намалување на цените на мобилните услуги, долгогодишна забелешка во извештаите на Европската комисија за напредокот на земјата.
Процесот за воведување трет оператор започна кога на 17 декември 2024 година Групацијата 4иГ достави писмо за намери до АЕК, барајќи достапни радиофреквенции за мобилни услуги. Потоа следуваше јавна расправа и објавување на тендер со јавно наддавање за радиофреквенции во опсезите 700 MHz, 1800 MHz и 3.x GHz. Почетната пазарна вредност на радиофреквенциите изнесуваше од 1,5 до 4,2 милиони евра, со рок на важност до 12 години за А1 и С1 и 8 години за В1.
Моментно, на македонскиот пазар работат двата главни оператори – „Македонски телеком“ и „А1 Македонија“, како и неколку виртуелни оператори: „Лајкамобајл“, „Мтел“, „Роби“ и „Греен телекомуникации“. Заклучно со третиот квартал на 2025 година, бројот на активни претплатници достигна 2.105.467, со удел од 46,68% за „Македонски телеком“ и 47,41% за „А1 Македонија“.
Влегувањето на трет оператор ветува нова динамика на пазарот, поголема конкуренција и подобри услови за корисниците, особено во делот на цените и услугите. АЕК го постави крајниот рок за доделување на одобрението за радиофреквенции до 25 февруари 2026 година, што значи дека официјалниот старт на новиот оператор е веќе скоро.