Македонија има здружение на инфлуенсери и бараат да се повлече законот

Во Македонија првпат отворено се судираат два света што одамна се преплетуваат: државната регулација и дигиталната економија. Здружението на инфлуенсери и креатори на дигитални содржини соопшти дека „во целост“ го отфрла правилникот и водичот донесени од Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), оценувајќи дека тие се „неприлагодени на современиот дигитален простор и надвор од законските рамки“.

Иако јавноста ова го чита како „закон за инфлуенсерите“, суштината е во подзаконските алатки што треба да го спроведат постојниот законски режим: правилник што ги опишува критериумите и процедурата, и водич што ги „пакува“ обврските во практични насоки. Токму таму, според здружението, настанува проблемот: наместо „системско решение за транспарентност и одговорност“, документите отворале „правна несигурност, различни толкувања и ризик од ограничување на креативната слобода без соодветна консултација со засегнатите страни“.

Како контрапредлог, инфлуенсерите изработиле Кодекс што го темелат на саморегулација и ко-регулација, усогласен со практиките во Европска Унија. Во пораката што ја испраќа здружението, клучниот аргумент е дека европските модели се потпираат на јасни и пропорционални правила, каде фокусот е на јавниот интерес и заштитата на потрошувачите и малолетниците, без да се создава механизам што може да се претвори во притисок врз изразувањето и креативната индустрија. Затоа и барањето е директно: институциите да го „повлечат спорниот правилник“ и да „отпочнат дијалог со сите релевантни чинители“.

Од другата страна, АВМУ ја брани логиката на системот со теза дека станува збор за законска обврска, а не за арбитрарна интервенција. Во нивните објавени насоки се наведува дека со измените на медиумската легислатива во јули 2023 година, инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини и јутјуберите се препознаени како „физички лица – даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање“ и затоа, под одредени услови, треба да се евидентираат во регистар.

Критериумите што ги објавува АВМУ се остри и мерливи: активност на платформи за споделување видеа, повеќе од 10.000 следбеници/претплатници, економска корист од активноста, најмалку 24 објавени аудиовизуелни дела во последните 12 месеци и содржини чија цел е информирање, едукација или забава, при што креаторот носи уредничка одговорност. Тоа е делот што дигиталната заедница го чита како премин од „слободна сцена“ во режим на институционална класификација – момент кога профил на социјални мрежи престанува да биде лична платформа и почнува да личи на медиум, со сите ризици и обврски што ги носи таа етикета.

Во оваа расправија, политичката тежина не е само во тоа кој е во право, туку кој ја држи моќта да дефинира што е „медиумска услуга“ во ера кога границите одамна се избришани. Кога државата оди со правилници, а креаторите одговараат со кодекси, суштинското прашање станува: дали се гради транспарентност и заштита на јавниот интерес, или се создава нова зона на контрола што ќе се активира селективно – зависно од тоа кој зборува, што зборува и кому му пречи.

Зачлени се на нашиот е-билтен