Македонија интензивно старее, а младите си заминуваат

Битола

Државниот завод за ревизија во најновиот извештај за стареењето на населението предупредува дека земјава влегува во продлабочена демографска криза, во која расте бројот на повозрасни граѓани, а се намалуваат помладите генерации. Во анализираниот период од 2014 до 2023 година, единствено населението над 65 години бележи пораст, од 259.000 на 327.000 лица, додека децата до 14 години се намалиле од 349.000 на 306.000, а групата од 15 до 64 години од 1,461 милион на 1,195 милиони. Во исто време, просечната старост во државата пораснала од 32,3 години во 2000 година на 41,8 години во 2024 година.

Ревизорите оценуваат дека преземените мерки не се доволни за среден и долг рок и дека не се спроведени потребните системски чекори за да се ублажи брзото демографско стареење. Во извештајот се наведува и дека проекциите се неповолни: уделот на населението над 65 години би можел да надмине 34 проценти до 2055 година, додека работоспособното население да се намали за речиси половина милион луѓе, што дополнително ќе го зголеми притисокот врз пензискиот и социјалниот систем.

Делот за младото население не се чита само како статистичко стареење, туку и како последица на миграциските движења. Во државните проекции на населението до 2070 година се наведува дека токму хипотезите за насоките и интензитетот на миграциите се од најголема важност за среднорочните демографски сценарија, а официјалната статистика признава и дека поради нецелосното регистрирање на отселувањата и доселувањата не може прецизно да се утврди годишното миграциско салдо. Во истиот документ се посочува и дека искуствата на земјите што минувале низ евроинтеграциски транзиции покажуваат засилена емиграција токму во тие периоди.

Новата ревизија така ја отвора темата многу пошироко од грижа за старите лица. Таа покажува дека демографската слика веќе не е само социјален проблем, туку директно се прелева врз работната сила, јавните финансии и идната одржливост на државните системи.

Зачлени се на нашиот е-билтен