Македонија ја победи Украина 31-26, втор триумф во Швајцарија

Македонската машка ракометна репрезентација стигна до втора победа на меѓународниот турнир во Швајцарија, откако вечерва ја совлада Украина со 31-26. Натпреварот доби две лица: Македонија на полувреме губеше со 13-17, но во продолжението одигра значително поконкретно и во одбрана и во напад, ја сврте сликата на терен и ја претвори негативата во убедлив триумф.

Во првите 30 минути украинската селекција подобро го контролираше ритамот, а македонскиот тим имаше проблем и со реализацијата и со транзицијата назад, што ѝ овозможи на Украина да ја задржи предноста до паузата. Второто полувреме, пак, почна со поинаков интензитет: по неколку врзани интервенции на голманот Галевски, Македонија направи серија од 6-1 и во 39. минута првпат поведе со 19-18. Од тој момент, избраниците на селекторот Кирил Лазаров постепено ја зголемуваа разликата, со поконзистентна одбрана и побрза реализација, за на крајот да ја затворат средбата без неизвесност.

Ова е втор триумф за Македонија на турнирот, по победата над Бахреин од 32-28 во првото коло. Во завршното коло, македонските ракометари утревечер од 18 часот играат против домаќинот Швајцарија, во последната проверка пред Европското првенство. На континенталниот шампионат, Македонија стартува на 16 јануари во Хернинг против Данска.

Зачлени се на нашиот е-билтен