Македонија конечно се приближува до системско решавање на долгогодишниот проблем со згрижувањето на угинатите животни и починатите домашни миленици. До средината на 2026 година треба да бидат дефинирани локациите и потребната инфраструктура за изградба на кафилерија и гробишта за миленици, по што ќе започне нивната реализација.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, за МИА изјави дека процесот е во интензивна фаза и оти станува збор за инфраструктура која со години недостасува во земјава, но и за обврска во рамки на европските интеграции.
Според него, досега сопствениците на починати миленици биле принудени телата да ги оставаат на депонии каде што завршува комуналниот отпад, што е неприфатливо од здравствен и еколошки аспект.
Новите гробишта за миленици, како и кафилеријата, ќе се градат надвор од урбаните средини, на ненаселени локации, со цел да се минимизира влијанието врз животната средина и локалното население.
Паралелно, АХВ разгледува модел според кој секоја општина би имала сопствено прифатилиште за бездомни кучиња, а таму каде што е можно – и гробишта за миленици. Ова прашање ќе биде тема на заеднички состанок со Министерството за локална самоуправа и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС).
Во однос на кафилеријата, Миланов потсетува дека идејата постои уште од 2019 година, но досега не била реализирана поради недостиг од соодветна локација и отпор од дел од локалното население.
– Првично се разгледуваа локации во Лозово и Росоман, но поради недоволна информираност кај советниците, проектот не доби поддршка. Се создаде перцепција дека ќе станува збор за горење со непријатни миризби, иако кафилеријата функционира како целосно херметички затворен систем – објаснува Миланов.
Сега, додава тој, се разгледува можноста за јавно-приватно партнерство, како и европски модел со мобилна кафилерија, која овозможува преземање и уништување на трупови на строго утврдени локации.
– Очекувам по празниците, заедно со министрите и советниците на премиерот, да го финализираме моделот. Моја желба е работите да започнат уште ова лето, барем со поставување темели – вели директорот на АХВ.
Во меѓувреме, проблемот со бездомните кучиња останува еден од најсериозните предизвици. Проценките говорат дека низ државата има повеќе од 8.000 кучиња без сопственик.
Во таа насока, подготвен е нов Закон за здравствена заштита на животните, кој предвидува конкретни мерки за справување со проблемот. Законот е усогласен по консултации со 11 невладини организации, меѓу кои „Анима мунди“ и „Лајка“.
Новото законско решение предвидува казни за неодговорно сопствеништво, за шетање кучиња без поводник на јавни места, како и построги правила за големите и потенцијално опасни раси. Во процесот ќе бидат вклучени и ловечките друштва, а планирани се и јавни трибини со граѓаните и со инспекторите од подрачните единици.