Македонија отвора владин центар за сајбер одбрана, инвестиција 1,5 милиони евра

Македонија отвора Владин центар за одговор на сајбер инциденти, проект што Министерството за дигитална трансформација го најавува како дел од поширокото јакнење на државната заштита од дигитални закани. Според објавените информации, во негово целосно опремување се вложуваат повеќе од 1,5 милиони евра, додека дел од поддршката доаѓа и од Европската Унија.

Министерот Стефан Андоновски соопшти дека центарот треба да одговори на зголемените ризици од сајбер напади врз државните институции и критичната инфраструктура. Во најавите е наведено дека под негова заштита треба да влезат не само цивилните системи, туку и делови од здравствената и образовната инфраструктура, во услови кога државите сè почесто зборуваат за сајбер нападите како дел од хибридни и асиметрични закани.

Проектот не е нов во институционална смисла. Уште во ноември 2025 година од Министерството за дигитална трансформација беше најавено формирање на нов Владин центар за одговор на сајбер инциденти, тогаш претставен како следна фаза во националната сајбер стратегија и како институција што треба да работи со 24-часовна оперативна подготвеност. Тогаш беше соопштено и дека се подготвува патоказ за негов развој и интеграција во европските мрежи за размена на информации.

Во февруари годинава Владата и Министерството објавија дека е завршена првата етапа од соработката со Академијата за е-управување во рамки на иницијативата „EU Support to Western Balkans Cybersecurity Capacity Building“, финансирана од Европската Унија. Во таа фаза беше претставена и донација на опрема вредна 149.921,20 евра за зајакнување на оперативните капацитети на GOV-CSIRT, при што од Владата беше нагласено дека таа доаѓа како дополнување на државната инвестиција од над 1,5 милиони евра во целосно опремување на владиниот тим за одговор на компјутерски инциденти.

Најновата најава практично значи дека проектот влегува во пооперативна фаза, со фокус на побрза детекција на закани, поефикасен одговор на инциденти и поголема отпорност на институциите. Во јавните настапи, министерот посочи и дека темата сајбер безбедност ќе биде дел и од следната сесија на Стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави во Вашингтон.

Зачлени се на нашиот е-билтен