Центарот за управување со кризи утринава (12 август, 07:00) јави дека на територијата на државата се регистрирани 16 пожари на отворен простор: активен е еден, еден е под контрола, а 14 се изгаснати.
Активниот пожар е во подрачјето на Јасен (општина Македонски Брод) и зафаќа мешана шума. Под контрола е ставен пожарот на линијата с. Челопеци – с. Миокази. Поради пожарната состојба, целосно е затворен патниот правец од Брезница, преку НП „Јасен“, до Македонски Брод.
Во изминатите часови се изгаснати 14 пожари на повеќе локации, меѓу кои: Сарај (отпад), Табановце (ниска вегетација), Врапчиште, Ломница и Калиште (мешана шума), делови од Тетово (ниска вегетација и ѓубре), Кочани (м.в. „Трајаново трло“), Долно Дупени – Ресен (дабова шума и ниска вегетација), Старо Коњарево – Ново Село, Бучин – Крушевско, Теарце, Романовце, како и Шишево, Арачиново и Прилеп (ниска вегетација).
Надлежните апелираат на исклучителна внимателност при движење и активности во природа: избегнување отворен пламен, правилно отстранување отпушоци и строга почит кон забраните за движење низ шумски подрачја каде што важат временски рестрикции. Високите температури и сувиот воздух го засилуваат ризикот од нови пожари и од брзо ширење на постојните.