Автор: Александра Тодоровиќ
Секоја година милиони парчиња облека завршуваат на депониите во Македонија, загадувајќи ги реките, почвата или доколку се согоруваат и воздухот. Oслободуваaт микропластика која се внесува во организмот. Евтината увезена синтетичка облека ја заситува земјата, а инфраструктурата за рециклирање и селекција на текстил практично не постои. Додека јавноста често го посочува домашниот текстилен сектор како главен виновник, вистинската слика е сосема поинаква, објаснува Маријана Перковска, експертка за текстилни процеси и претседател на Македонскиот текстилен кластер.
Проблемот е увозот, не домашните фабрики
„Фабриките во Македонија работат под строги регулативи, особено тие што произведуваат за европските брендови. Сите производи за извоз мора да имаат еко-стандардни сертификати, а загадувачките хемикалии се веќе елиминирани од производството“, вели Перковска.

Домашниот текстилен отпад е минимален и строго контролиран. Но, паралелно, Македонија увезува огромна количина евтина облека, најчесто 100% полиестер, која е главниот генератор на микропластика.
„Најголемата закана се микровлакната што се ослободуваат при секое перење, сушење и користење на синтетичка облека. Според истражувања, секој човек годишно внесува микропластика во количина колку една банкарска картичка“, предупредува Перковска.
Овие честички навлегуваат во организмот, ги напаѓаат мозокот, органите и хормоналниот систем, а кај децата има долгорочни последици.

Текстилен отпад под лупа: бројки што треба да нѐ разбудат
Според ЕкоТекс Македонија, компанија која управува со текстилен отпад според начелото „загадувачот плаќа“, како и според информациите на Министерството за економија, домашниот текстилен отпад е околу 9.000 тони годишно. Меѓутоа, повеќе од 80% завршуваат на депонии, бидејќи инфраструктурата за селекција практично не постои.

„Не постојат доволно контејнери, ниту во општините, ниту на јавни површини. Граѓаните немаат каде да ја одложат облеката, па таа завршува во мешан отпад“, додава Перковска.
Без организирано собирање и селекција, секоја иницијатива за циркуларна економија запира уште на првиот чекор. Дури и да се собере отпадот, Македонија нема фабрики за рециклирање на текстил, што го прави проблемот структурен, а не само логистички.
Според податоците на Еко-Текс Груп, најголеми количини текстилен отпад се создаваат во Штип и Велес, додека значителен отпад има и во Тетово, Прилеп, Кочани и Делчево. Дури и кога се собира, отпадот најчесто се извезува за рециклирање во странство, бидејќи во Македонија нема фабрики за целосна преработка.
Министерството за економија објаснува дека Северна Македонија има поставено рамка за циркуларна економија, со текстилот како еден од петте приоритетни сектори.
„Клучниот проблем не е што производителите создаваат отпад – тие се законски регулирани. Проблемот е кај увозот на евтина облека и недоволната инфраструктура за нејзино правилно одложување и рециклирање,“ потенцираат од Министерството.

„Текстилната индустрија, како интегрален дел од македонската економија опфаќа 10% од вкупниот извоз, но исто така генерира и значјна неповолна еколошка состојба, со забележителни 4,7% учество во вкупниот комунален цврст отпад што се депонира.
Министерството за животна средина и просторно планирање е надлежно за секторот отпад и е носител на Законот за управување со отпад, кој претставува клучниот закон кој ја регулира општата сфера на отпадот. Исто така, постои Закон за дополнителни текови на отпад („закон за управување со дополнителни текови на отпад“) каде што е вклучен отпад од текстил, а и Законо за проширена одговорност на производителот (ПОП), кои се во надлежност на ресорното министерство за екологија. Производителите на текстилни производи кои ги пуштаат на пазарот (во Северна Македонија) имаат обврска да ги пријават количините кои ги пуштаат и да се регистрираат како производители. Во регулатива за отпад се наведува дека постои обврска за евиденција на отпадот („дневник за евиденција“, годишни извештаи) за оние кои управуваат со отпад. Управувањето со отпад (собирање, транспорт, третман, рециклирање) мора да се врши од правни субјекти кои имаат дозвола/лиценца според регулатива. Производителите на текстилни производи можат да склучат договор со колективен постапувач (за текстилен отпад) според законските одредби. Министерството за животна средина и просторно планирање има надзорна улога. Согласно МЖСПП постои регистар за дозволи за управување со отпад кои ги издава, ја води евиденцијата, дозволите и регистрацијата“, стои во одговорот од Министерството за економија на прашањата: Колку текстилен отпад има во Македонија ? Дали има закон со кој се регулира тоа? Дали компаниите имаат обврска да пријават колку прават отпад на годишно ниво? Кој понатаму може да управува со тој отпад ?
Законот за управување со отпад, Законот за дополнителни текови на отпад и системот за проширена одговорност ги задолжуваат производителите да пријавуваат количини на отпад, да водат евиденции и да соработуваат со лиценцирани компании. Но, според Еко-Текс Груп, реалната примена сеуште е на ниско ниво, со околу 120 приклучени компании и ограничени контролни механизми, а од Државниот завод за статистика велат дека не сите производители го пријавуваат отпадот и водат евиденции, па токму затоа многу тешко е да се извлечат реални податоци.

Извор: Државен завод за статистика
Новите правила на ЕУ – модел за Македонија
Европската унија произведува 12,6 милиони тони текстилен отпад годишно, од кои 5,2 милиони тони се облека и обувки, што би значело 12 килограми облека по глава на жител.
Новите правила на ЕУ за текстилен отпад воведуваат:
- Надоместоци за производителите, кои плаќаат за собирање, повторна употреба, рециклирање и отстранување на отпадот;
- Такси според издржливост на облеката, што директно поттикнува еко-дизајн и долгорочна употреба;
- Унифицирани стандарди и задолжително сортирање на текстилот пред извоз или транспорт.
Овие мерки создаваат стандард за циркуларна економија и го менуваат односот на индустријата кон облеката.
„Конечно, се признава дека постојните модели на брза мода не се одржливи“, вели експертката Перковска.
Преминот кон циркуларна економија во текстилниот сектор не е само технолошки предизвик, туку бара темелни промени во целиот производствен и општествен систем. За да се воспостави навистина одржлива текстилна индустрија, потребни се подолготрајни и материјали за повторна употреба и реално функционално рециклирање.
Клучните чекори за ова се создавање национални капацитети за рециклирање, организирано собирање и селекција на текстилниот отпад на локално ниво, како и јасна државна стратегија проследена со финансиска поддршка.
Како што нагласува Перковска, индустријата е подготвена да се движи кон одржливи модели:
„Секторот сака да се вклучи. Дел од странските нарачатели веќе бараат материјали од рециклирани влакна, но без државна поддршка и соодветна инфраструктура, тоа останува само добра намера.“
Едукацијата – клуч за иднината
Според Перковска, првиот и најважен чекор кон одговорно управување со текстилниот отпад е едукацијата – и тоа уште од најрана возраст. Таа нагласува дека граѓаните мора да бидат свесни како правилно да ја перат и одржуваат облеката со цел да се намали емисијата на микропластика, но и да разберат зошто селекцијата на текстилот е клучна за понатамошната обработка. Дополнително, важно е луѓето да знаат кои материјали можат да бидат штетни за здравјето и како да ги препознаваат производите што поддржуваат циркуларни економски модели. Перковска предупредува дека, без континуирана и системска едукација, дури и најдобро осмислените државни мерки и регулативи ќе останат без реален ефект.

Колку купувањето од „втора рака“ влијае на одржливата мода?
Ирина Јаневска, активистка за одржлива мода и координаторка на Центарот за поправки и реупотреба „Ништо ново“ во Скопје, вели дека таму граѓаните учат како да ја продолжат употребата на облеката и да го намалат текстилниот отпад. Според неа, купувањето облека „од втора рака“ кај нас сѐ уште не е секогаш свесен избор, туку често тренд што доаѓа однадвор. Сепак, таа го смета за позитивен поттик за менување на однесувањето:
„Не би рекла дека купувањето од ‘втора рака’ денес кај нас е целосно свесен избор – повеќе е тренд што ни дојде однадвор, но искрено, нека е и така. Добар тренд е, затоа што преку него се менува однесувањето и се гради свест.“

Таа потсетува дека циркуларноста не е нов концепт за Македонија:
„Преминот што го гледаме сега не е сосема нов. Доаѓаме од култура во која циркуларноста била природен дел од секојдневието: стар текстил се претворал во черги, а братучеди растеле во иста облека.“
Проектот „Ништо ново“ и граѓанската свест
Центарот „Ништо ново“ нуди конкретни можности за граѓаните да учат и да применуваат практики за реупотреба и поправка. Најголем интерес има за текстил, но и за велосипеди, тротинети и електрични апарати. Ирина забележува растечка свест кај граѓаните:
„Најголем дел од барањата во центарот ‘Ништо ново’ се поврзани со текстил. Работилниците за Сашико се вистински бум – за 10 места се пријавуваат по 90 учесници.“

„Овие трендови ни кажуваат дека македонската култура на фрлање е сеуште присутна, но граѓаните се спремни да ја менуваат.“
Улогата на институциите и системските предизвици
Ирина потенцира дека без институционална рамка, реупотребата и поправките не можат да станат одржливи:
„Институциите ја имаат клучната улога да креираат системска рамка и да ги постават правилата на игра, за реупотребата и поправките да станат економски исплатливи и системски поддржани практики.“
Таа укажува на проблемот со брзата мода која ја оптоварува инфраструктурата за реупотреба:
„Нервозата кај сите што работат во секторот за реупотреба е голема токму поради тековната криза. Приливот на ултра-брза мода го преплавува пазарот со огромни количини неквалитетен текстил, кој тешко се продава или рециклира.“
Ирина смета дека Македонија има потенцијал, но подготвеноста на институциите е ниска:
„Имаме огромен потенцијал, но подготвеноста на институциите сѐ уште е ниска. Транзицијата не е прашање на желба, туку на координирана акција, податоци и функционални финансиски механизми.“
Како конкретна мерка за намалување на отпадот, таа предлага ваучери за поправка на облека: „Мојот предлог за мерка која веднаш би ја спровела за намалување на текстилниот отпад во Македонија е систем на ваучери за поправка на облека… Со овој двоен пристап – давачките како корективен механизам и ваучерите за поправка – не само што го поддржуваме домашниот пазар, туку и градиме култура на вреднување на облеката.“
Споредба со Европа и значење за локалниот сектор
Ирина нагласува дека Македонија мора да се усогласи со европските практики:
„Споредбата со Европа е клучна, бидејќи ја дефинира нашата амбиција и ни покажува дека ние системски заостануваме… Додека земјите во ЕУ развиваат инфраструктура за одделно собирање и реупотреба, нашата инфраструктура и практики се сѐ уште во рана фаза на развој. Во ова треба да се препознае и улогата на потенцијалот на социјалните претпријатија, токму во овој дел од циркуларната економија.“
„Доколку ја пропуштиме шансата да го поддржиме овој сектор, ќе пропуштиме да изградиме инклузивна и одржлива економија.“
Зошто Македонија треба да го следи европскиот пример
Европските искуства јасно покажуваат дека зад зголемените количини текстилен отпад најчесто стои масовната потрошувачка на евтина облека. Истовремено, државите што имаат организирани системи за собирање, селекција и рециклирање успеваат значително да ја променат состојбата и да го намалат оптоварувањето врз животната средина. Клучна алатка во овој процес е Проширената одговорност на производителот (EPR) – регулаторен модел кој ја задолжува индустријата да сноси одговорност за целиот животен циклус на производот, од производство до справување со отпадот.

Во системот за проширена одговорност се приклучени околу 120 компании, а контролата ја врши Државниот инспекторат за животна средина. Најголемите пречки се недостиг на инфраструктура, ниска свест кај граѓаните и фактот што Законот е релативно нов, па системот допрва се гради.
Минатогодишната публикација за циркуларна економија во Македонија го нагласува истото – без систем и стратегија, секторот останува фрагментиран, а отпадот се акумулира.
Позитивни европски примери од Австрија и Словенија
Слични предизвици и можности води и Европа. Матијас Најч, претседател на најголемата европска мрежа за социјални претпријатија во циркуларната економија – РEУСЕ (REUSE Austria) Австрија, објаснува:
„Сметам дека новата регулатива има многу позитивен потенцијал навистина да го приоритизира локалното повторно користење и социјалните претпријатија – доколку земјите-членки сериозно ја искористат оваа можност.“
Според него, главниот предизвик е прекумерното производство и прекумерната потрошувачка:

„Најголемата можност за промена би ја видел во ограничување на пристапот до природните ресурси – поврзано со соодветни царински прилагодувања за да се создадат еднакви услови за сите актери.“
Најч илустрира дека во Австрија е постигната заедничка позиција со општините, кои го регулираат собирањето текстил, а поголемиот дел од работата се доверува на социјални претпријатија:
„Оваа заедничка позиција ни дава силна основа во претстојните политички дискусии, па се надевам дека ќе успееме да организираме систем за EPR за текстил со приоритет на локалната повторна употреба и социјалните претпријатија.“
За Македонија, препораката е јасна: воспоставување систем каде собирањето, сортирањето и повторната употреба на текстил ќе биде поддржано преку социјални претпријатија:
„Идниот EPR-систем за текстил во Македонија мора да биде дизајниран така што ќе го овозможи ова и ќе обезбеди финансиски средства за потребните инвестиции и за тековното функционирање.“

Масовната потрошувачка на облека е еден од најголемите предизвици за животната средина. Марин Звер од Словенија, кој работи во Центарот за повторна употреба, вели дека нивната цел е да извлечат најголема вредност од секој текстилен отпад. Тие собираат облека од контејнери на улиците и од граѓани, ја проверуваат дали е за понатамошна употреба, а онаа што не е, но е од памук, ја претвораат во крпи за чистење. Облеката која е за повторна употреба се сортира по категории – зимска, летна, детска – и се пласира во продавници за користена облека.
Звер нагласува дека најголемиот предизвик е едукацијата: луѓето сè уште купуваат премногу нова облека и не гледаат дека втора-рака може да биде добра опција. Тој препорачува Македонија да инвестира во образовни програми за циркуларна економија, за граѓаните да разберат дека купувањето на користена облека не е само финансиски и еколошки корисно, туку ја поддржува и локалната заедница.
Позитивен пример од Северна Македонија – дизајнерката Ирина Тошева
Ирина Тошева користи остатоци од фабрики и создава уникатни парчиња. „Со креативен дизајн и правилно користење на отпадот можеме да направиме функционални и естетски вредни производи“, објаснува таа.
Пример за Македонија: дури и мала количина текстилен отпад може да стане висококвалитетен производ со соодветен дизајн и циркуларен пристап.
Заклучок: свесност, регулатива и инфраструктура
Македонија е преплавена со нискоквалитетна увезена облека. Микропластиката се ослободува во животната средина, а домашните фабрики, напротив, се најрегулираниот дел од системот.
Решението е јасно: организирано собирање, фабрики за рециклирање, финансиска поддршка, нови регулативи и едукација на населението. Само така може да се постигне циркуларна економија и да се заштити здравјето на граѓаните и природата.
Најголемиот загадувач не е индустријата, туку масовната куповна навика на евтина полиестерска облека.
(Ова истражување е изработено со поддршка на Томсон Медија и Фондациите Отворено Општество – Западен Балкан, во рамки на проектот Greening the Narratives: Advancing Awareness of the Green Transition in the Western Balkans. Содржината е целосна одговорност на авторот и не ги одразува нужно ставовите на организациите кои ја поддржуваат).

