„Македониумот“ и Поштата – симболите на идентитетот пропаѓаат, државата молчи

Не е првпат државата рамнодушно да гледа како највредните дела на македонската архитектура и културно наследство се претвораат во урнатини. Додека „Македониумот“ во Крушево чека интервенција поради поплавени подови и уништени ѕидови, во Скопје сè уште зјае едно друго сениште – Централната Пошта.

Лотусот, симболот на Скопје, изгоре во 2013 година. Заедно со шалтер-салата исчезна и монументалниот мурал на Борко Лазески – едно од најпознатите уметнички дела создадени за јавен простор. Сите влади и директори што се сменија во изминативе десет години даваа ветувања дека Поштата ќе биде обновена, но ништо не е направено.

Фото: МАРХ

Дури и Европа предупреди. Во 2021 година, Европа Ностра и Институтот на Европската инвестициска банка ја вброија скопската Пошта меѓу 7-те најзагрозени културни локалитети во Европа. Со тоа таа доби можност за грант до 10.000 евра за први активности за зачувување. Но, државата не ја искористи ниту таа шанса.

Во меѓувреме, властите и директорите организираа свечени настани и промоции на поштенски марки во истиот руиниран простор – со столици и пултови поставени во изгорената сала, како да е сосема нормално еден од најзначајните објекти на модерната архитектура, изложуван дури и во њујоршката MoMA, да пропаѓа пред очите на сите.

Истата негрижа ја гледаме и во Крушево. „Македониумот“, прогласен од меѓународни списанија за една од најуникатните градби на светот, со години е оставен без заштита. Поплавите и влага ја нагризуваат неговата внатрешност, а наместо трајни решенија, добиваме само итни „интервентни“ проекти.

Ова не се изолирани примери – ова е политика на заборав и немар. Македонија, некогаш препознаена по авангардната архитектура и уметност што ја издигнаа Скопје на мапата на светските метрополи, денес дозволува тоа наследство да се распаѓа.

Фото: МАРХ

Ако вака продолжи, ќе останеме без живи сведоци на сопствената културна историја – без архитектура, без уметност, без идентитет.

Иако денес се соочува со сериозни оштетувања, „Македониумот“ останува светски препознаена архитектонска икона. Изграден е во периодот 1970–1974 година, а свечено откриен на 2 август 1974 во чест на Илинден и АСНОМ. Автори на монументалниот комплекс се Јордан и Искра Грабулоски.

Во 2018 година, австралискиот магазин „Architecture & Design“ го вброи меѓу 10-те најуникатни градби во светот, а „Architectural Digest“ во 2016 го стави на листата на 7-те најинтересни бруталистички градби на планетата.

Со најавената итна заштита, јавноста очекува дека државата конечно ќе почне сериозно да се грижи за овој споменик кој со децении е сведок и симбол на македонската борба и културно наследство.

Зачлени се на нашиот е-билтен