Македонската Европарламенарка Јовева до Вучиќ, Србија со тебе виде само насилство

Европратеничката Ирена Јовева остро реагираше по најавите дека Европската унија повторно ја преиспитува финансиската поддршка за Србија, оценувајќи дека земјата под водство на Александар Вучиќ „видела само насилство, корупција и заробена држава“. Во пораката објавена на 10 април, таа порача дека „украдени избори и згазени медиуми ја довеле Србија до работ“ и дека на земјата ѝ е потребен нов, демократски пат.

Нејзината изјава доаѓа во момент кога Брисел сè поотворено предупредува дека европските пари за Србија нема да се исплаќаат по автоматизам. Европската комисија во февруари потврди дека повторно разгледува дел од пакетот вреден околу 1,6 милијарди евра од Планот за раст за Западен Балкан, поради спорните судски закони и загриженоста дека тие ја поткопуваат довербата во владеењето на правото.

И во Европскиот парламент тонот кон Белград е сè потврд. Во најновиот нацрт-извештај за Србија се наведува дека напредокот на земјата кон ЕУ е во застој, а главните грижи се состојбата со демократијата, владеењето на правото, политичката поларизација и притисоците врз институциите. Во истиот документ се бара и појасна стратешка определба кон ЕУ и нејзината надворешна политика.

Политичкиот контекст дополнително се заостри по локалните избори на 29 март, по кои меѓународни набљудувачи пријавија насилство и нерегуларности надвор од избирачките места. Тоа само ја засили перцепцијата во европските кругови дека проблемот во Србија повеќе не е само во реформите на хартија, туку и во начинот на кој функционира политичкиот систем на терен.

Иако нема конечна одлука за суспензија на европските средства, пораката од Брисел е јасна: без убедливи корекции во правосудството, медиумските слободи и демократските стандарди, Србија ризикува политичката криза да почне директно да ја чини и во милијарди евра. Во таков амбиент, пораката на Јовева не остана само остра политичка критика, туку и дел од поширок европски притисок врз Белград.

Зачлени се на нашиот е-билтен