Македонската филхармонија со концерт во Виена го одбележа јубилејот од 80 години ВИДЕО

Со концерт во славната „Златна сала“ на виенскиот Музикферајн, Македонската филхармонија го одбележа големиот јубилеј – осум децении од своето формирање. Настанот се одржа на една од најпрестижните концертни сцени во светот, каде традиционално се одржува и новогодишниот концерт на Виенската филхармонија.

Под диригентската палка на маестро Јерухам Шаровски од Израел, македонскиот оркестар ѝ приреди на виенската публика вечер исполнета со емоции, виртуозност и национален дух. На програмата беа делата Симфонија бр. 8 од Антонин Дворжак, Македонска парафраза бр. 2 од Бете Илин, како и импресивната изведба на Тешкото од Глигор Смокварски – момент кој предизвика бурен аплауз и искрени емоции кај присутните.

Посебен уметнички печат на вечерта ѝ дадоа Ана и Игор Дурловски, кои настапија како специјални гости со изведби на македонски народни песни – „Кажи Анѓо“, „Дејгиди луди млади години“, „Калино моме“ и други во аранжман на Сони Петровски.

Настапот на Македонската филхармонија беше пречекан со огромен интерес и почит во Виена, потврдувајќи ја нејзината уметничка извонредност и значењето како национален симбол на македонската музичка култура.

На официјалниот профил на Филхармонијата беше објавено и видео од изведбата на „Тешкото“, кое предизвика бројни позитивни реакции и гордост кај македонската јавност.

Зачлени се на нашиот е-билтен