На програмата на Кинотеката во мај ќе има проекции на македонски филмови, а фокусот ќе биде на филмското творештво на режисерот, сценарист и продуцент Столе Попов (1950) кому оваа година му е доделена кинотечна награда „Златен објектив“.
-Автор кој во голема мера ја задолжи националната кинематографија – како со својот наградуван филмски опус, така и со својот педагошки и менаџерски ангажман на полето на седмата уметност и филмското образование, соопшти Кинотеката.
Ќе бидат прикажани неговите документарни филмови „Оган“, „Дае“, „Австралија, Австралија“ и играните „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ’49“, „Тетовирање“, „Џипси меџик“, „До Балчак“.
Покрај филмови од Попов, мајската програма на Кинотеката ќе прикаже и ретроспектива на кратки македонски филмови на режисерите Кочо Недков, Дарко Марковиќ и Елеонора Венинова, новиот документарен филм на Игор Иванов – „Време на бетон“. Исто така и „Буре барут“ на Дејан Дуковски во режија на Горан Паскаљевиќ, како и документарецот „Скопје 63“ на Вељко Булајиќ.
-На менито на Кинотека месецов се наоѓа и промоцијата на новиот филм потпишан од францускиот кинопровокатор Франсоа Озон – „Петер фон Кант“. Се работи за еден интересен, постмодерен осврт и своевиден римејк на делата потпишани и креирани од легендата на германскиот нов бран, Рајнер Вернер Фасбиндер, соопшти Кинотеката.
Во рамки на програмата за овој месец, од 13 до 18 мај во Кинотеката ќе биде организирана и Недела на италијанскиот филм.