Македонскиот филм „17“ на Косара Митиќ во селекција на Берлинале

Дебитантскиот долгометражен игран филм на режисерката Косара Митиќ – „17“ е селектиран во програмата „Перспективи“ на 76. Берлински филмски фестивал, еден од најпрестижните светски филмски настани. Филмот ќе ја има својата светска премиера во Берлин, каде ќе се натпреварува со уште 13 дебитантски остварувања за наградата Најдобар дебитантски филм.

„17“ ја следи приказната на седумнаесетгодишната Сара, која за време на училишна екскурзија крие лична тајна. Кога патувањето излегува од контрола и таа станува сведок на сексуален напад од соученик, меѓу неа и девојчето жртва се создава силна и тивка врска – врска што ќе ги обележи засекогаш. Филмот суптилно, но храбро навлегува во теми како тишината, солидарноста, вината и одговорноста кај младите.

Во филмот играат Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Ирена Димеска, Луна Бејков, Христијан Ристески, Алина Христовска, Даме Јовески, Јован Тодоров, Мина Јелушиќ, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ, Ана Стојановска, Жаклина Стевковска, Сашко Коцев и Оливер Митковски.

Продуценти на филмот се Томи Салковски и Кристијан Буровски, директор на фотографија е Наум Доксевски, сценографи се Дејан Ѓоршевски и Александра Чевреска, костимите ги потпишува Жаклина Крстевска, додека за шминка и фризура е задолжена Карла Лазиќ од Србија. Снимател на звук е Аљаж Лукан од Словенија, а монтажата е на Дејан Смилески.

Програмата „Перспективи“ произлезе од наградата за најдобар дебитантски филм на Берлинале, која се доделува во партнерство со GWFF од 2006 година. За наградата одлучува тричлено жири, а годинава во конкуренција се најмногу 14 први филмови од целиот свет.

76. издание на Берлинскиот филмски фестивал ќе се одржи од 12 до 22 февруари, а селекцијата на „17“ претставува уште еден значаен успех за македонската кинематографија на меѓународната сцена.

Зачлени се на нашиот е-билтен