Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Македонскиот фолклор и традиционалните инструменти претставени во Будимпешта

Лекторатот по македонски јазик при Uниверзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта ги продолжи своите активности поврзани со чествувањето на јубилејот 35 години македонски јазик на Универзитетот ЕЛТЕ.

Во библиотеката на Институтот за славистика и балтичка филологија завчера проф. д-р Горанчо Ангелов од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип одржа предавање на тема „Македонски традиционални инструменти, органологија и употреба некогаш и денес“.

Ангелов на предавањето го претставил македонскиот фолклор и традиционалните инструменти и начинот на свирење на истите.

-Предавањето предизвика огромен интерес кај студентите, но беа присутни и голем број на музичари кои се занимаваат со фолклор. Се разви долга дискусија, присутните прашуваа и бараа дополнителни информации а македонскиот фолклор, а изнесуваа и свои искуства и впечатоци за начинот на интерпретација на македонската изворна музика, информира професорот Ангелов.

Во култното кафуле „Живаго“ во Будимпешта, Горан Ангелов и унгарското дуо БудаПесме вчера одржале целовечерен концерт на македонски народни песни. 

Во интерпретација на БудаПесме и Горанчо Ангелов биле изведени песните „Зајди, зајди“, „Јано мори“, „Домаќине добри гости ти дојдоа“, „Ибраим оџа“, „Благуњо дејче“ и многу други песни.

Лекторот по македонски јазик, Златко Панзов смета дека ваквата соработка на македонски и унгарски музичари ќе резултира со посериозна промоција на македонскиот фолклор во Унгарија и создавање на локални промотори, не само на нашиот фолклор, туку и општо македонската култура, што всушност е суштината и мотивот за организирање на ваков тип на настани од страна на Лекторатот.

Панзов изразува задоволство интересот што го предизвикале настаните што оваа година беа организирани по повод јубилејот 35 години македонски јазик на универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта.

„Деновите на македонска култура во Будимпешта 2023“ ќе бидат затворени со објавувањето на зборникот „За македонската литература“. Зборникот преставува избор на текстови од реномирани македонски книжевни критичари направен од лекторот Златко Панзов во превод на унгарски јазик од Анамарија Цинеге-Панзова.

„Деновите на македонска култура во Будимпешта 2023“ се организираат од Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта и Здружението на Унгарците на Македонија – „Теледом“, а се реализираат со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија и Здружението вина од Македонија од Скопје.

Лекторатот искажува огромна благодарност до Институтот за славистичка и балтичка филологија, Вероника Варга и Бенедек Рети за поддршката и помошта при организирање на „Деновите на македонска култура во Будимпешта 2023“.

Треба да знаете
Moже да ве интересира