Во Подгорица, во рамки на Неделата на гордоста, беше објавен изборот за регионалната книжевна награда „Штефица Цвек“ за 2025 година. Меѓу седумте номинирани дела се најдоа и две македонски авторки – Билјана С. Црвенковска со романот „Приказни од Ѕунливото море“ (ИД-Концепт / Чудна шума, 2024) и Румена Бужаровска со книгата „Тони“ (ТРИ, 2024). Нивната номинација претставува значајно признание за современата македонска литература и нејзината видливост во регионален контекст.
Наградата „Штефица Цвек“ се доделува за дела што со својата автентичност, книжевен квалитет и критички дух придонесуваат во регионалниот културен простор. Покрај Црвенковска и Бужаровска, годинашниот избор ги вклучува и: „Птица лети по оштар нож“ од Тања Ступар Трифуновиќ (Лагуна), „Како да кршиш чинии“ од Мац Бутер (Дуријекс), „Празни куќи“ од Данка Ивановиќ (Партизанска книга), „Пупчана врвца“ од Луција Тунковиќ (Фрактура) и „Стол без наслон“ од Данијела Репман (Трети квадрат).
Изборот на „Штефица Цвек“ го организираат Rebel Readers (Србија), Kulturtreger/Booksa (Хрватска), Naratorium (БиХ) и Коалиција МАРГИНИ (Македонија), со поддршка од Фондот „Реконструкција – женски фонд“.