Македонските пчелари алармираат: Законот ги брка пчелите од дворовите

Македонските пчелари предупредуваат дека членови од Законот за комунални дејности од 2012 година им создаваат сериозни проблеми, бидејќи пропишуваат дека пчеларниците мора да бидат најмалку 500 метри оддалечени од последниот објект во населено место. Оваа одредба, велат тие, е нереална и ги принудува пчеларите да ги иселуваат своите кошници од сопствените дворови – и тоа под закана од казни.

„Традиционално, пчелите отсекогаш биле дел од селските дворови, без никакви проблеми со соседите. Сега, поради законот, пчеларите добиваат казни од по 80 евра и рок од само четири дена да ги преместат кошниците“, вели Менде Трајковски од пчеларското здружение „Нектар“.

Трајковски бара измена на законската одредба и воведување практични решенија какви што постојат во земји од регионот, како Србија и Хрватска – каде пчеларите поставуваат заштитни мрежи или природни бариери, наместо да ги иселуваат пчелите.

Прашањето повторно беше актуелизирано на 28. манифестација „Денови на македонското пчеларство“ во Битола, на која учествуваа и гости од Албанија, Грција и Србија. Пчеларите предупредуваат дека вака поставениот закон не само што ја загрозува локалната економија, туку и традиционалното пчеларство – дел од културното и еколошкото наследство на Македонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен