Во само два дена контроли, Државниот пазарен инспекторат утврди дека голем дел од цигарите што се продаваат во маалските продавници и трафики воопшто не постојат за државата. На 17 и 18 ноември инспекторите извршиле надзори кај 23 правни субјекти во Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево и Струга, а кај дури 16 од нив биле затекнати тутунски производи без фактури и без акцизни марки – без трага за потеклото, квалитетот и платените давачки. Одземени се над 3.000 пакувања, проценети на повеќе од еден милион денари, кои се предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.
Зад сувата бројка се крие непријатна вистина: илјадници пушачи секојдневно купуваат цигари за кои не знаат ни од каде доаѓаат, ни што точно содржат. Единствениот гарант дека производот барем формално поминал низ системот – акцизната марка – во овие случаи едноставно ја нема.
Според правилата утврдени од Царинската управа, акцизни марки може да добијат само производителите и увозниците на тутунски производи, по поднесено барање до надлежниот царински орган. Марката мора да биде залепена под целофанот, со серијски број и податоци за бројот на цигари или грамажата, така што при отворање на пакувањето трајно се оштетува. Тутунски производ без таква марка, со оштетена или на друг начин неправилно залепена марка, се смета за производ за кој не е платена акциза и неговата продажба е незаконска.
Во пракса, тоа значи дека секоја кутија без акцизна марка е невидлива за системот: државата не знае каде е произведена, каков е составот, дали се почитувани минималните стандарди, дали се користени дополнителни супстанции за да се „зачини“ вкусот или да се намали цената. Купувачите, пак, честопати се водат само од тоа што на кутијата пишува познат бренд и што цената е неколку десетки денари пониска.
Официјалното соопштение на Пазарниот инспекторат зборува за „нелегална трговија со акцизни добра“, но приказната е поширока од фискален прекршок. Цигарите без документи и без марки се дел од сивата економија што истовремено го поткопува здравствениот систем и го дупчи буџетот. Државата нема увид колку таков тутун циркулира, колку данок и акциза се избегнуваат, а здравствените последици – рак, кардиоваскуларни заболувања, хронични болести – се плаќаат со јавни пари.
Особено алармантно е што поголемиот дел од затекнатите количини се откриени во редовна малопродажна мрежа, не во скриени магацини или нелегални пазари. Тоа покажува дека шверцуваните производи одамна не се „маргинален феномен“, туку реалност на која граѓаните секојдневно наидуваат на каса – често ни не прашувајќи се зошто кутијата е поевтина и зошто на неа нешто „не изгледа како обично“.
Инспекторатот најавува продолжување на акциите и потсетува дека за утврдените прекршоци се издадени платни налози и се известени Царинската управа и Министерството за внатрешни работи за понатамошно постапување. Но, само казни во неколку продавници нема да го решат проблемот ако паралелно не се гради свест кај потрошувачите што значи да купиш „сив“ производ: да му веруваш на непознат шверцер повеќе отколку на барем минималните регулативи кои државата ги бара од легалните увозници и производители.
Македонските пушачи одамна знаат дека цигарите им го јадат здравјето. Но денешните акции на Пазарниот инспекторат покажуваат уште нешто: голем дел од нив не знаат ни што точно пушат. Во земја каде што секоја трета кутија потенцијално може да биде надвор од закон, предупредувањето на кутијата „пушењето убива“ добива уште една димензија – опасноста не е само во чадот, туку и во тоа што зад него стои производ без потекло, без контрола и без одговорност.

