„Макпрогрес“ експресно ќе биде обновена, сите работници ќе се вратат на работа, изјавија од менаџментот на компанијата за штипската телевизија „Стар“.
„Стихијата беше огромна и направи уште поголеми штети, но уште од денес работиме производството да се обнови итно. Дел од вработените ќе бидат ангажирани во преостанатите погони”, изјавиле од менаџментот на „Макпрогрес Винчини“ за штипската ТВ Стар.
Пожарот е локализиран, но уште не е целосно изгасен и затоа увидот уште не е започнат, известија од Основното јавно обвинителство.
„Пожарот не е во целост изгаснат и уште траат активностите за обезбедување на локацијата. Во меѓувреме, јавниот обвинител издава наредби и насоки за други дејствија за целосно испитување на настанот“, соопшти Обвинителството.
Во катастрофалниот пожар изгореa три производствени погони, два магацини полни со стока и административниот дел од фабриката која вработува околи 500 вработени од Виница и од регионот.
„Макпрогрес Винчини“ е најголемиот стопански објект во оваа општина, а засегнати од уништувањето на фабриката ќе бидат и соседните општини Кочани и Штип, бидејќи од таму нема само вработени туку и разни кооперанти кои ја снабдуваат фабриката со суровини за производите.
Според ТВ Стар, сопствениците велат дека штетата е милионска, а точната сума ќе се знае откако на лице место ќе излезат проценителите од осигурителните компании. Стопанската комора најави дека заедно со сопствениците ќе формира кризен штаб.
Стопанската комора воедно, изразува жалење за ваквата трагедија која ќе остави длабока трага врз работењето на нивната членка и како што наведуваат, „една од најуспешните извозни компании во Македонија, во групата на најпознати компании во кондиторската индустрија, препознаена по брендот „Винчини““.
-Макпрогрес Виница е истакната наша членка која предничи со своите активности и во работењето на Комората, и во градењето деловен амбиент во државата. Членови на сопственичката структура секогаш се наоѓале во врвот на раководството на Стопанската комора.