Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека е време повторно да се воспостави мир меѓу сојузниците на НАТО кога станува збор за трговијата.
Тој нагласи дека Русија е главна закана за Алијансата и оти завршната изјава на сите 32 членки покажала како Европа ја зајакнува својата позиција во рамките на НАТО откако се обврзаа на зголемување на трошоците за одбрана до 2035 година.
„Не можеме да кажеме дека ќе трошиме повеќе, а потоа во самата срж на НАТО да почнеме трговска војна“, рече Макрон.
„Тоа е апсурд и затоа е многу важно да се вратиме на она што треба да биде правило меѓу сите сојузници, а тоа е вистински трговски мир и, следствено, намалување на сите царински бариери кои постојат или се зајакнати“, нагласи тој.
Макрон додаде дека оваа тема ја отворил повеќе пати во разговорите со Трамп и оти е време тоа да се заврши.
Земјите членки на НАТО на денешниот Самит во Хаг се обврзаа да инвестираат по пет отсто од националниот БДП годишно за основните потреби за одбраната и безбедноста до 2035 година.