Макрон го именува Себастиен Лекорњу за нов премиер на Франција

Францускиот претседател Емануел Макрон го назначи својот близок сојузник Себастиен Лекорњу за нов премиер на земјата. Лекорњу, кој досега ја извршуваше функцијата министер за вооружени сили, го наследува Франсоа Бајру, чија влада падна во понеделник по изгласување недоверба во Националното собрание.

Задачата – политичка стабилност и усвојување на буџетот

Од Лекорњу се очекува да ги започне консултациите со политичките партии застапени во парламентот со цел усвојување на државниот буџет и постигнување неопходни договори за одлуките во наредните месеци.

„Дејствувањето на новиот премиер ќе биде насочено кон одбрана на независноста и силата на Франција, служба на францускиот народ и обезбедување политичка и институционална стабилност за единство на земјата,“ соопштија од Елисејската палата.

Лекорњу ќе го предложи составот на својата влада дури по консултациите со парламентарните партии. Неговото име веќе подолго време се спомнуваше како можен наследник, а во последните часови во игра беше и претседателката на Националното собрание, Јаел Браун-Пиве.

Остра реакција на опозицијата

Опозицијата жестоко реагираше на назначувањето. Лидерот на левицата Жан-Лук Меланшон изјави дека станува збор за „тажна комедија“ и порача дека „само заминувањето на Макрон може да ја прекине оваа фарса на презир кон парламентот, гласачите и политичката коректност“.

Марин Ле Пен, лидерка на Националното обединување, оцени дека Макрон „го испукал последниот куршум на макронизмот, затворен во бункер со мал круг верни луѓе“, додавајќи дека по неминовните нови парламентарни избори „премиер ќе биде Жордан Бардела“.

Лидерската на Зелените, Марин Тонделие, пак, го обвини Макрон дека назначува премиер „без консултација со победничките партии на последните парламентарни избори“ и повика на протести: „Одговорот ќе стигне на улица. Утре.“

Зачлени се на нашиот е-билтен