Францускиот претседател Емануел Макрон изрази увереност дека украдените експонати од Лувр ќе бидат пронајдени и дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
На X, Макрон истакна дека кражбата претставува напад врз културното и историското наследство на Франција и дека се преземаат сите неопходни мерки за откривање на сторителите и враќање на експонатите, под водство на канцеларијата на парискиот обвинител.

Кражбата се случи вчера наутро, при отворањето на музејот, кога првите посетители започнале да влегуваат. Крадците украдоа осум непроценливи предмети, а деветтиот беше пронајден на лице место. Светски познатиот дијамант Регент, вреден повеќе од 60 милиони долари, не беше украден.
Париската обвинителка Лор Беку појасни дека кражбата ја извршиле четворица мажи со покриени лица кои побегнале на „моќни скутери“. Истражителите располагаат со снимки од видео надзор од музејот и од градот и ја повикуваат јавноста на соработка.
Недостасуваат накит и ѓердани од колекциите на кралиците Мари-Луиз, Марија-Амелија и Хортензија, како и четири парчиња накит од колекцијата на царицата Евгенија. По инцидентот, музејот Лувр беше затворен за посетители.
Новите безбедносни мерки од проектот за модернизација на Лувр, претставени во јануари, ќе овозможат поголема заштита на експонатите и на француската култура.