Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека Владата ќе покрене итна законска постапка со цел да се воведе забрана за користење социјални мрежи за деца под 15 години, која би стапила во сила веќе од следната учебна година.
Во видео-обраќање што го пренесе француската телевизија БФМ ТВ, Макрон изјави дека побарал од Владата законот да биде разгледан по забрзана постапка, за да може навреме да биде усвоен од Парламентот.
„Побарав од Владата да ја активира забрзаната процедура, за законот да помине низ Сенатот и да стапи во сила од следната учебна година. Тоа е обврска што ја презедов и ќе ја исполнам“, порача Макрон.
Тој нагласи дека целта е јасна – заштита на децата и младите од штетното влијание на дигиталните платформи.
„Ги забрануваме социјалните мрежи за деца под 15 години и ќе воведеме забрана за мобилни телефони во средните училишта. Тоа е јасно правило – за учениците, за родителите и за наставниците“, истакна францускиот претседател.
Макрон порача дека психолошката и емоционалната благосостојба на младите не смее да биде предмет на комерцијална експлоатација.
„Мозоците на нашите деца не се на продажба. Ниту нивните емоции смеат да бидат предмет на манипулација – без разлика дали доаѓа од американски платформи или кинески алгоритми“, рече тој.
Според францускиот Устав, забрзаната постапка овозможува законите да се усвојуваат во пократок рок, што отвора можност забраната да почне да важи уште од следната школска година.